Воените дејствија во Украина траат и денеска. Се зголемува бројот на загинати и повредени лица.
Во меѓувреме, предлог Украина да се откаже од кандидатурата за приклучување кон НАТО искажа украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој преку видео врска се обрати на состонокот на Обединетите експедициски сили во Лондон.
-Украина разбира дека нема отворена врата за членство во НАТО и затоа предлага начин самостојно да се заштити, под услов да има безбедносни гаранции, рече тој.
Официјален Киев е во преговори со Москва за договор за прекин на огнот. Се ошекува преговорите да продолжат и денеска. Зеленски синоќа изјави дека преговарачките позиции сега „звучат пореални”.
Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека преговорите со Украина се насочени кон обезбедување на нејзиниот воено неутрален статус.
-Преговорите кои во моментов се водат се преговори за обезбедување на воено неутрален статус на Украина во контекст на безбедносни гаранции за сите учесници во процесот и во контекст на демилитаризација на Украина за Русија никогаш повеќе да не биде загрозена, и секако во контекст на суспендирањето е потврдено во повеќе законски акти. Тоа значи укинување на сите дискриминаторски ограничувања кои беа воведени во врска со рускиот јазик, образованието, културата, руските медиуми, изјави Лавров.
Руските воени сили продолжија со гранатирањето на Киев и на други украински градови. Службата за итни случаи на Киев објави дека облакодер од станбениот дел на киевскиот кварт Шевченковски утринава околу 6 часот беше погоден од руски проектили. Првите информации се дека се повредени две лица, а спасувачките служби извлекле 37 лица од зградата.
Украинска служба за итни случаи објави дека од почетокот на руската инвазија врз Украина, во вториот по големи град Харков се убиени најмалку 500 лица.
Инаку, министрите за одбрана на земјите членки на НАТО денеска ќе одржат вонреден состанок во Брисел, а на дневен ред е засилувањето на НАТО на истокот, можна мировна мисија, и заштитата на украинското небо.
Американскиот Сенат едногласно усвои резолуција со која се осудува рускиот претседател Владимир Путин како воен злосторник и се осудува руската акција во Украина.