Земјоделството не расте на хартија, туку на ниви

Колумна на Никола Тасев:

Неверојатно, ама вистинито – Македонија е зависна од увоз на храна! Не мислам на банани и ананас, туку на основни прехрамбени производи, со кои, во минатото вагони и шлепери се товареле за да продаваме надвор. Еј, сега кромид и лук увезуваме, пиперки и домати…

А Бог ни дал и плодна почва и сонце и работливи земјоделци, ама на друго место е скусено и тоа не од Севишниот, туку од функционерите кои се умислени дека се богови…

Оваа ситуација мора веднаш по изборите да биде поправена. Земјоделието треба да е еден од најважните приоритети. Ако не можеме да се пофалиме со тешка индустрија, со развој на вештачка интелегинција, па дури и со туризам, за што имаме природни услови, мора да почнеме да го користиме плодното земјиште. Ама на него од година до година се помалку растат пиперки и домати… Згради и фотоволтаици да никнуваат на плодно земјоделско земјиште е трендот што го промовира сегашната влада.

Ме интересираше да видам што двете најголеми партии планираат со оваа гранка во следните 4 години, па погледнав во нивните изборните програми.

СДСМ си ги препишала зборовите на програмата од пред 4 години, само ја зголемила сумата за субвенции и ставиле назнака дека земјоделството во Македонија ќе биде Европско. Тоа е таа нивна позната формула – за се што си ветил од претходно, а не си реализирал, вети го истото и само кажи дека ќе биде Европско. А фрлија огромни средства за субвенциите, кои во најглем дел беа користени за купување социјален мир кај земјоделците. Немаа стратегија, немаа план, само сипаа пари и тераа пропаганда. Ама на пазарите пропаганда не се купува, мора да купиш кромид, а тој најчесто беше од Србија, Албанија… Се покажа дека земјоделието не расте на хартија, туку на ниви.

Кај ВМРО-ДПМНЕ гледам дека во главните приоритети е и земјоделството. Ги детектирале болните точките и нудат редица решенија како да се покрене оваа битна гранка во македонското стопанство, но и за севкупниот живот на македонскиот граѓанин. Ќе потенцирам само една – најавената Агенција за управување со земјоделско земјиште, која треба да го реши катастарот на обработливо земјиште и да се обезбеди негово функционално и транспарентно управување и обработување. Оти земјоделското земјиште треба да оди во рацете на земјоделците, а не во рацете на бизнисмените, кои ќе го користат само за да пријавуваат површини во Министерството, за да земаат што повеќе субвенции.

Добра е таа идеа за Агенцијата! Имаат и други добри идеи кои како што се разработени воочливо е дека со планска работа од хартија ќе прејдат на нивите.

Бидејќи областа е огромна и следи многу работа, сметам дека треба, да се формира и координативно тело помеѓу Министерството за земјоделство и за локална самоуправа. Веднаш по формирањето на новата влада, тоа тело, составено од стручњаци од двете министерства, како и од професори – експерти, но и од земјоделци, треба да изготви една обемна и стручна 10 годишна стратегија. Со добро планирање на приносите и произведените вишоци, со гарантиран откуп, со откупни центри, со решавање на проблемите со нефункционалните и расцепкани парцели, преку обнова на застарената механизација, со јасен и проверлив начин на субвенционирање, со потребната стручна помош на земјоделците од подрачните единици на министерствата, ќе се врати оваа гранка на потребното ниво. А преку регионализација – кој регион за која култура е подобен, каде ќе се одгледува органска храна, колку и е потребно на годишно ниво на државата… и нека се сее, нека се посадува…  за да се жнее успех и приходи. Македонија не смее веќе да дава девизи за увоз на храна, која може да расте на нашите ниви. Напротив, мора ние да извезуваме.

За да се постигне ова, никако не смее да се заборави нуту миграционата политика. Оживување на македонските села кои се подзаборавени. Е тоа треба да биде улогата на Министерството за локална самоуправа заедно со општините – како да се направат подобри услови, како да се вратат работоспособните назад. Оти џабе се обработливи површини, џабе е и нова механизација – ако нема кој да ги обработува.

А да прашам: знаете ли дека во 1985 година по македонските пашишта се хранеле околу 2,3 милиона овци? Е денес тој број е намален за повеќе од 70%. Ама за тоа во друга прилика…

Претходна вестДЗР: Многумина од стипендираните студeнти во странство не се враќаат во Македонија
Следна вестЗахарова до Белата куќа: Дали сте сигурни дека тоа беше ИСИЛ, нема ли да се предомислите подоцна?