Во државава е евидентиран раст на заболени од Ковид-19, а надлежните апелираат да се почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести. Од 12 до 18 август регистриран е 271 нов случај на коронавирус, според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), што претставува зголемување од 60.4 отсто во однос на претходната недела.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ рече дека засега, состојбата со Ковид-19 не е алармантна кај нас и нема простор за паника кај граѓаните.
-Треба да се почитува куќниот ред за посета на здравствените установи. Да се вакцинираат сите лица кои имаат над 65 години и хронични болести, тие се со зголемен ризик за да развијат тешка форма на болеста или да има смртен исход. Установите што веќе ќе тестираат пациент кој има лесна симптоматологија, позитивен на Ковид-19, да обезбедат услови за изолација, со цел да продолжи да се третира основното заболување поради што е хоспитализиран на соодветната клиника, нагласи Мехмедовиќ.
Таму каде има зголемена фреквенција на луѓе, треба да се користат заштитни маски, како и често да се проветруваат просториите.