Зголемената вакцинација го намали бројот на заболените од голема кашлица

Зголемената вакцинација со вакцини кои содржат пертусис го подигна имунитетот кај децата и со што се намалу бројот на заболените од голема кашлица, изјави денеска доц. д-р Валентина Цвејоска-Чолаковска, директорка на Клиниката за детски болести на брифинг со медиумите.

Таа објасни дека до сега во државата се пријавени 443 болни со потврден пертусис, а на Детската клиника болнички беа лекувани шест деца, доминантно мали доенчиња кои потоа биле испишани во добра здравствена состојба.

-Подолго време немаме хоспитализации на деца со голема кашлица на нашата Клиника. Причините за оваа епидемија се должат на значително намалениот опфат со вакцинација според редовниот календар за имунизација, што резултираше со намален колективен имунитет. Инаку, пред епидемијата, последни пријавени спорадични случаи на голема кашлица беа забележани во 2018. Изразуваме задоволство што се зголеми вакцинацијата со вакцини кои содржат пертусис, со што се подигна имунитетот кај децата. Погодуваше и тоа што и сезоната на респираторните заболувања е на крај, што резултираше со намалување на бројот на болни, рече таа.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 5 до 11 април, пријавени се 44 нови случаи на голема кашлица, со намалување од 10 отсто споредено со претходниот седмодневен период (50). Од 18 јануари до 11 април,  дадени се вкупно 39.031 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица.

Цвејоска-Чолаковска зборуваше и за пациентите со цистична фиброза и кажа дека завршила постапката за набавка на лекот „трикафта“.

-Ова значи дека сите пациенти со цистична фиброза над 12-годишна возраст, погодни за модулаторна терапија, ќе го добијат лекот „трикафта“ во текот на април, терапија која е најсовремена за третман на оваа болест. Инаку, терапијата со „трикафта“ во нашата земја е достапна од минатата година и веќе имаме искуства за исклучителниот позитивен ефект на терапијата кај овие пациенти, додаде директорката.

Претходна вестУниверзална сала не изгоре, изгоре тоа што требаше да биде дислоцирано, вели Арсовски од компанијата изведувач
Следна вестОд 606 станови во Скопје кои добија дозвола за градба во февруари 537 се во Карпош