Жител на Љуботен поседувал еден тон режан тутун спремен за продажба

На подрачјето на Чаир полициски службеници од Одделот за криминалстичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи заедно со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје вчера во 18.50 часот го лишиле од слобода А.Ќ.(31) од скопското село Љуботен, осомничен за сторено кривично дело „даночно затајување“.

Во заедничка акција со Царинска управа за недозволено производство и продажба на режан тутун на подрачјето на Скопје, информираа денеска од МВР, била извршена контрола на патничко возило „ауди А4 караван“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Ќ. и претрес во неговата куќа во село Љуботен, извршен со судска наредба.

Биле пронајдени 750 пакувања со режан тутун, со вкупна тежина од околу 224 килограми, како 865 килограми тутун во лист, машина за производство на режан тутун, поголема количина на амбалажа за пакување тутун со различни натписи од повеќе видови тутун, ваги за мерење, опрема и картонски кутии за пакување на тутун.

Пронајдените предмети биле одземени и предадени на вештачење, а по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

Претходна вестНовоизбраната градоначалничка Арсовска ја назначи Бујаре Абази за свој заменик
Следна вест16 починати од ковид и 444 нови заразени