Жртвите на врсничкото насилство во Кисела Вода ќе може да побараат помош на посебен телефонски број

Од денес, жртвата на насилство или личноста блиска до неа, може да се јави на телефонскиот број 078/ 358 – 639 и да го пријави проблемот, една е од новините којашто се воведува во општина Кисела Вода. Општинскиот локален совет за превенција на денешната седница ја промовира првата од сетот мерки која од денес им стои на расплагање на жртвите од врсничко насилство.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека справувањето со булингот бара сеопфатен пристап, кој го вклучува семејството, врсниците, но и институциите.

-Решението има адреса. Но некој треба проблемот да го пријави, треба да реагира и да ја заштити жртвата. Во изминатиот период во основните училишта во општина Кисела Вода, поставивме кутии за анонимни пријави за меѓуврсничко насилство. Воедно, во насока на создавање на систем кој го спречува психолошкото насилство, сакам да го промовирам новитетот кој го спроведуваме заедно со Здружението на граѓани “Крик”. Од денес, жртвата на насилство или личноста блиска до неа, може да се јави на телефонскиот број 078/ 358 – 639 и да го пријави проблемот, каде психолози ангажирани од невладиниот сектор, во координација со општинските служби ќе делуваат директно во училиштето за спречување на насилната појава. На овој начин ќе може да се надмине стравот и срамот за проблемот да се пријави, како и да се изнајде начин тој што побезболно да се реши, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Активностите се спроведуваат со Младински центар “Крик” чиј Претседател, Мила Ангелевска Кардафова, е еден од психолозите кои ќе овозможи бесплатна помош и поддршка.

-Учениците се клучна алка за решение. И ако не се самите жртви, преку позитивни примери, можат да го сузбијат меѓуврсничкото насилство, да охрабрат некого да побара помош, а во тоа секако ќе им помогне телефонот за психолошка и институционална поддршка, кој од денес им стои на располагање, рече таа.

Помошник командирот на ПСОН Кисела Вода Благоја Стојановски кој истакна дека е многу мал бројот на млади кои се решаваат да пријават ваков проблем и дека обично е пријавува кога проблемот ќе ескалира. Затоа, подвлече тој, е битна присутноста на полицијата на местата каде што има млади и создавањето на доверба кон неа. Освен тоа, важни се и вакви трибини, работилници, со цел подигнување на свесноста за овој проблем.

Претходна вестНепознато лице украло трамвај во Загреб
Следна вестНаучниците не можат да ја дешифрираат книгата со повез од човечка кожа