ЗКЛМ: „Флајтрадар 24“ не е релевантен за давање точна позиција во реално време и не треба да се користи за извлекување заклучоци

Откако беше објавено дека на 7 септември во 18:32 часот авиони на „Туркиш ерлајнс“ и „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото во близина на Меѓународниот аеродром во Скопје, по што и М-НАВ излезе со соопштение дека е отворена истрага за настанот, реагираше и Здружението на контролори на летање на Македонија.

Оттаму велат дека за конкретниот настан е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор и дека таа е процесирана кај релевантните институции кои, пак, постапуваат по пријавата согласно постоечките процедури. Во реакцијата се вели дека во ниту еден момент овој случај не бил прикриен, а самото прогласување на настанот како „сериозен инцидент“ без да се проверат фактите води кон неправично и невистинито расветлување на случајот.

-Напоменуваме дека ‘Flightradar24’ не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци, велат од ЗКЛМ.

Дополнително, се вели дека македонските контролори на летање се соодветно обучени професионалци, кои со највисоко ниво на квалитет опслужуваат рекорден број летови, честопати во тешки временски услови, кои оперираат под нивна надлежност за безбедно и редовно да стигнат до нивните дестинации и затоа Здружението ќе застане во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите кои во моментот се мета на неосновани осуди.

-Воспоставувањето на култура на праведност во воздухопловството резултираше со висок стандард за безбедност, со што воздухопловните незгоди и инциденти станаа исклучително ретки, но сепак не се целосно непостоечки и се случуваат кај нас, како и во Европа и светот. Прифаќањето на системски пристап при истражувањето, наместо индивидуално обвинување е клучно за зајакнувањето на безбедноста во воздухопловството, се вели во соопштението.

Здружението на контролори на летање на Македонија бара од медиумите кои извествуаат за настанот од 7 септември да се воздржат од паушални коментари сè додека не се објават официјалните резултати од истрагата и побараа да се избегнува ширење шпекулации на социјалните мрежи кои може да бидат погрешно интерпретирани.

За потсетување, според веб-страницата за следење летови „Флајтрадар 24“, авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром „Скопје“ на 7 септември во 18:32 часот.

Се работи за авионот на „Туркиш ерлајнс“ на летот од Мадрид за Истанбул и за авионот на „Санекспрес“ од турскиот Даламан за Лондон, Гетвик. На 30 секунди пред да се разминат, авионите биле на иста висина од 36 000 стапки. Пред да се разминат, едниот авион се кренал на 36 325 стапки, а другиот се спуштил на 35 475.
Според правилата на авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2 илјади стапки во вертикална далечина.

Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) и М-НАВ потврдија дека е отворена истрага за настанот за утврдување на фактичката состојба и причините.

Претходна вестКИНСИВ во М-НАВ ќе го истражува безбедносниот настан на небото над Скопје од 7 септември
Следна вестДелегација од германскиот Бундестаг во посета на Собранието