Злато за Милијана Рељиќ

Македонската таеквондистка, репрезентативка и членка на ТК Тигри од Скопје, Милијана Рељиќ (категорија до 62 кг) постигна огромен успех, освојувајќи златен медал на Европското клупско првенство (ЕП) во Тирана (Албанија). Таа со овој медал успешно ја продолжи низата освојување медали од големи натпреварувања. На ова ЕП настапи и Горјан Бадаровски (до 87 кг). На шампионатот учествуваа повеќе од 1.200 таеквондисти во сите возрасти, во сениорска конкуренција 291, а во категоријата на Рељиќ имаше 18. На ЕП не се пријавуваат екипи, туку секој клуб може да пријави колку сака натпреварувачи во секоја тежинска категорија.

– На последните седум турнири Милијана освои пет медали, моментно е осма на светската ранг-листа (158,43 поени), но со овие новоосвоени 10 поени може да избие на петтата позиција, вели тренерот Александар Ефтимов.

Во првото коло Рељиќ беше слободна, а во второто ја победи Италијанката Грета Тарвара. На патот кон медалот, Македонката ја совлада Томчак од Полска, во полуфиналето беше подобра од Сервел Чакал од Турција, од која во минатото двапати загуби, а во финалето славеше на дуелот со Јулија Шпак од Полска, која редовно освојува Г1-медали. Сите ривалки Милијана ги победи со 2-0 во рунди.

Инаку, Рељиќ доби покана од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за настап на најголемиот спортски настан годинава – Летните олимписки игри во Париз. Овој потег на ИОК доаѓа поради добрите резултати на Мила на последните натпреварувања, освоениот златен медал на Европското клупско првенство и одличниот рејтинг.

-Златниот медал на Мила од Европското клубско првенство поткрепено со одличниот рејтинг и резултати од последните натпреварувања, резултираа со покана од ИОК за настап на Мила на Олимписките игри во Париз оваа година. Голема заслуга за ова има секако нејзиниот тренер Александар како и континуираната успешна работа на нашата Таеквондо федерација и пред се на нашиот сребрен Дејан Георгиевски и неговиот тренер Борче Костовски кои го трасираа патот на таеквондо спортот во Македонија. Од Мила очекуваме одличен настап и посакуваме уште една радост од нашите таеквондисти. Напред Мила, порачаа од МОК.

Претходна вестПлатформата за родова еднаквост за двојното убиство во Кратово: Станува збор за самоодбрана
Следна вестПромоција на книгата „Последните православни семејства во подрачјето на Дебарско Поле во Р. Албанија“ од авторот Спиро Дуковски