Евробврзница, една, друга, па нови кредити… Веќе стана секојдневие да се слушаат вакви вести со кои Владата ја задолжува Македонија. Може ли тоа државата да го издржи се прашува некој од власта?
Јавноста и деновиве беше сведок на нови задолжувања, но и на скандалот околу тоа. Беше откажана еврообврзницата од 600 милиони евра оти немало министер за правда да го потпише и одобри задолжувањето, па мораше да се распишува нова од 500 милиони и да се земаат кредитни средства од ЕУ од 100 милиони, а сега за сето ова ќе одат и камати од речиси 140 милиони евра… Она што е најзагрижувачко е тоа што за годинава се планира вкупно задолжување од скоро 1,5 милијарди евра при што само за отплата на старите долгови ќе отидат скоро 850 милиони евра. Од тоа, извесно, произлегува дека јавниот долг на земјава која сега изнесува 7.226,7 милиони евра и претставува 55,4 проценти од БДП, ќе биде значително зголемен.
Бројките се огромни. Бројките опоменуваат.
Очигледно станува дека јавниот долг во земјава никако да почне значително да се намалува. Односно, дека по оние значителни задолжувања кои ги направија тогашните македонски влади по 2008 година и по 2019 година, кога долгот кон странство скокна и до две милијарди евра, состојбата со долгот тешко се враќа во нормала. Така, излегува дека се прават нови задолжувања за да се вратат старите, а оние малку пари што ќе останат како „вишокот“ не се користат за да враќањето на долгот биде уште поефикасно.
Во една таква ситуација, нема друг излез освен да се штеди внатре во земјава. Само на таков начин може да се најдат средства со која задолжувањата би биле помали. А го прави ли тоа Владата? Јавноста беше сведок дека во март минатата година Владата донесе повеќе мерки за штедење со кои се опфатени министрите, градоначалниците, директорите… Сите буџетски корисници се задолжија да ги намалат расходите за 10 проценти, се бараше да се штеди струја, се забрани набавка на мебел и возила, се преполовија средствата за репрезентација, користењето на службените возила…
Но, колкави се вкупните ефекти од ова штедење не се доби информацијата. Престана ли користењето на коли за партиски потреби, престанаа ли тендерите со кои се плаќаат десетици илјади евра за миење на службени возила, набавки на жардињери, консултантски услуги…? Не се слушна дека пратениците се подготвени да си ги намалат надоместоците за доаѓањето на собраниските седници. Напротив, и натаму се постигнуваат рекордите во земените пари по основ на надомест за горивото, а чиешто законско решение пратениците од сите партии не сакаат да го сменат. Запре ли зголемувањето на вработените во јавниот сектор…
Сето тоа се области во коишто може да се штеди и да се намалат средства кои се земаат како кредити од странство и за кои се плаќаат скапи камати. Но, тоа очигледно не се прави туку е најлесно да се направи ново задолжување кое ќе мораат да го враќаат нови и нови генерации на населението во земјава. За жал, и тие се се помалку бидејќи се иселуваат од земјава.
Загрижува ли тоа некого од Владата? Знаеме дека им е лесно да ја задолжуваат Македонија, ама помислуваат ли на последиците?