Претседателот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски денеска изјави дека го поддржува предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за електронски попис на населението.
Премиерот Христијан Мицкоски во четврокот одговарајќи на собраниската седница посветена на пратенички прашања предложи идната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но го услови тоа со прифаќање на една изборна единица „веднаш“.
– Првенствено Македонија за да гради перспективна иднина, треба да има своја стратегија. За истата стратегија да се изгради првенствено треба да располага со реалните и точни бројки со што располага, почнувајќи од население, ресурси итн. Секое евидентирање на податоци е корисно не само за граѓаните, туку првенствено на државата за да може да ги гради тие долгорочни стратегии за развој. Во овој случај го споменавте пописот, верувам на идејата за електронско потпишување. Ја поздравуваме таа идеја на премиерот и го чекаме да дојде тој материјал до нас и веднаш потоа ќе се произнесеме. Да, добро е секогаш да знаеме што имаме, кого имаме и со што располагаме во државата и врз база на тоа да креираме планови за иден поголем развој на државата, рече Димитриевски пред почетокот на панел-дискусијата „Посветеност – Отчетност – Резултат“, по повод одбележувањето една година учество на Движењето ЗНАМ во Владата.
Прашан дали укинувањето на Методологијата за пописот од Уставен суд би имало импликации во однос на бројот на советниците на локалните избори, Димитриевски рече дека претпоставува оти на овие избори повторно ќе избираме ист број на советници како што се во моментов.
– Општина Куманово како најголема во државата има вкупно 33 члена на Советот, а со новото решение би имало 31. Дали ќе се успее да се донесе тој закон до изборите или не, не знам. Тоа ќе зависи од Парламентот, нивната работа, парламентарното мнозинство и процедурата на носење на законот и како тоа ќе помине низ фази. Но, во секој случај претпоставувам дека на овие избори повторно ќе избираме ист број на советници како што се во моментов. Дополнително, треба да се доработи овој закон, да се пушти во процедура и реално и соодветно граѓаните да бидат претставени во општинските совети, рече Димитриевски.
Во однос на вработувањата во јавната администрација, Дмитриески рече дека предност треба да се дава на квалитетот, а не на политичкиот и партискиот квантитет.
– Нашиот став во однос на вработувањата во јавната администрација е дека ние никогаш како ЗНАМ не се водиме по етничка или партиска припадност, туку првенствено се водиме врз база на квалитет, оспособеност на кандидатот и сето тоа што тој го има стекнато како вештина во животот за да може да се вклучи во процесот на реална реформа во Македонија, бидејќи истата ни е неопходна. Партизацијата и политизацијата на државниот систем изминативе 30 години не доведе на ова дереџе каде што сме и конечно е дојдено времето да извлечеме заклучок дека треба да дадеме предност на квалитетот во однос на политичкиот и партискиот квантитет, рече Димитриевски.
Во врска со измените на Изборниот законик за кои расправата е завршена, но не е обезбедено Бадентерово мнозинство, Димитриевски нагласи дека треба да се излезе од партиските стереотипи и да и се даде можност на државата да се развива, а при тоа секој граѓанин да се чувствува подеднакво.
– Многу пати во државата личните и теснопартиските интереси се стават во прв план за разлика од националните и државните интереси. Ние треба да се движиме како држава во насока и да носиме законски решенија кои што ќе отвараат нови перспективи и ќе не носат во ситуација како извршна власт да креираме такви политики кои ќе бидат многу попрактични за примена за граѓаните да почувствуваат поголем благодет од сето тоа. За жал, политичкте партии, особено моноетничките, многу пати калкулираат како законското соодветно решение ќе даде резултат на бројката на пратеници во идниот парламентарен состав отколку за квалитетот на живеењето на граѓаните. Треба да излеземе од тие партиски стереотипи и да дадеме можност на државата да се развива, а при тоа секој граѓанин да се чувствува подеднакво, рече тој.
Димитриевски потенцира дека со актуелното законско решение не секој глас на граѓаните се третира подеднакво.
– Со ова актуелно законско решение кое е на сила, за жал не секој глас е подеднакво третиран во државата на секој граѓанин. За да изберете пратеник во ИЕ3 ви се потребни двојно повеќе гласови отколку во ИЕ6, што е несоодветно. Пратеникот во ИЕ6 тежи двојно помалку од поддршката на пратеникот усвоена во ИЕ3. Мора да се најде усогласување и сите граѓани да се третираат подеднакво како што е напишано во Устав „со еднакви права и можности и иста тежина“, рече Димитриевски.