Партијата Движење ЗНАМ-За наша Македонија на денешната прес конференција го најави првиот Конгрес, што ќе се одржи на 22 февруари 2024 година.
На Конгресот, како што рече портпаролот на партијата, Никола Мемов, ќе биде избран претседател, членови на Централниот одбор, членови на Надзорниот одбор, ќе се усвои Статутот на партијата и ќе се утврди предлогот на кандидатот за претседател на Македонија.
Мемов објасни дека по одржувањето на иницијативата за формирање на нов субјект на политичката сцена во Македонија, во ноември 2023 година се одржа Основачко Собрание на партијата на кое беше избрано привремено раководство со мандат до одржувањето на Првиот изборен Конгрес.
Како што и е познато на јавноста, додаде Мемов, на Основачкото Собрание за в.д. Претседател беше избран господинот Максим Димитриевски, а беа избрани и в.д. Извршен и в.д. Надзорен одбор од по три членови. Партијата Движење ЗНАМ -За наша Македонија, согласно законот за политички партии уредно е регистрирана и запишана во Централниот регистар.
Запрашан дали Партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија размислува за предизборно коалицирање на претстојните избори, портпаролот Мемов нагласи дека партискиот став е Движењето ЗНАМ-За наша Македонија да настапи самостојно на претстојните претседателски и парламентарни избори, но конечната одлука ќе ја донесат органите и телата на партијата.
На новинарското прашање дали за претседател на партијата ќе биде избран Максим Димитриевски, тој кажа дека очекува Конгресот да го потврди досегашниот претседател Димитриевски за претседател на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија.
Одговарајќи на прашањето кој ќе биде кандидатот за претседател на државата, тој објасни:
За одговорот на ова прашање, во овој момент ќе Ве замолам за трпение. Интерната партиска процедура е во тек. Во четврток, одлуката за утврдување на предлог-кандидатот ќе ја донесат делегатите на Првиот Конгрес.