Колумна на Мила Јовановска:
Граѓанското учество или вклученоста на граѓаните во донесувањето на одлуките во институциите. Зошто е тоа важно? Бидејќи тој процес придонесува до подобра демократија во земјата, до потранспарентни одлуки, до поголема вклученост на засегнатите страни и слушање на нивни ставови и проблеми. Се отвора кругот, станува збор за еден инклузивен процес. А реалност е дека имаме летаргичност кај граѓаните, дека тие не веруваат дека нивното учество во дебата, во некој прашалник, може да придонесе до нешто. И тие, всушност, не учествуваат во креирањето на политиките. Таа летаргичност се должи на тоа дека тие мислат дека не можат да придонесуваат или дека не се важни или, често пати, мислењето е дека само некои, одредени луѓе можат да влијаат а не и јас како обичен граѓанин. Затоа и се формираат, најчесто, граѓански организации коишто застапуваат одредени групи, одредени интереси на граѓаните со цел да се издејствува или да се вклучат и тие во политиките.
Еве, ние како младинска граѓанска невладина организација („Гоу грин“), се обидуваме да ги застапуваме младите во зелената политика, во донесувањето на политиките кои влијаат врз животната средина. И, притоа тие политики да ги ги вклучуваат младите, да им даваат простор да бидат слушнати и да се види што тие мислат. Значи, не политиките да мислат за нив туку младите да се изразат и тие да се вклучат во процесот. За сето тоа, исто така, е многу важно да се познаваат процесите, да се биде образован за демократијата, да се знаат процесите, да знаеме кои ни се прашањата, како може да пристапиме до институциите со наши предлози, како можеме да побараме информации… Дополнително, треба да се охрабрат и треба институциите да се отворат кон овие процеси, затоа што тоа е взаемно. Колку граѓаните и да сакаат, ако институциите се со затворени порти, нема да може да придонесуваат, ги исклучуваат. Но, и ако граѓаните се летаргични и не се пријавуваат да дојдат да учествуваат во тие политики, исто имаме проблем. Затоа, процесот на подобрување на граѓанскиот активизам е и од двете страни: да имеме отворени институции и активни млади.
Конкретен пример, последно беше, лани во повеќе општини пред локалните избори. Ги собравме млади од шест општини и им рековме: „Ајде да им кажеме на кандидатите за градоначалниците што сакаат младите да видат како зелена политика во нивните шест општини!“. Се собраа околу 500 одговори, од коишто по десетина најрелевантни по општина, беа претставни пред кандидатите за градоначалници. И одговорот беше супер. Беа заинтересирани затоа што досега не се собраа младите да даваат предлози кои што се во надлежност на општината, до градоначалниците, за да потоа истите бидат имплементирани. И сега сме во процес да видиме до каде е имплементацијата на тие предлози, малку да направиме и притисок побрзо да се случат оти ако не се направи притисок секогаш одредени политички или други интереси ќе ги надвладеат непартиските или неактивните. И затоа е важно да сме активни.