Зошто Град Скопје лани вработил уште 83 лица и што тие сработија?

Превработеноста во скопската администрација е проблем кој се развлекува со години. Скопјани очекуваат тоа да се реши.

Но, значајно зголемување на бројот на вработени се случило лани во службите на Градот Скопје, но и во повеќе скопски општини. Ова го покажува најновиот Годишен извештај од Регистерот за бројот на вработените во јавниот сектор за 2021 година, а кој неодамна го објави Министерството за информатичко општество и администрација. Најголем прием на нови вработени административци се случил во службите на Градот Скопје – дури 83. Со таков масовен прием, според извештајот, бројот на вработените во овој јавен сектор се искачил на дури 723 вработени. Во 2020 година, според извештајот за таа година, имало 640 вработени, колку што, генерално, се движел бројот на вработени во градските служби со години. Но лани нагло се зголемила бројката за дури 13 проценти на нововработени административци.

Зошто имало потреба за ваков голем прием на нови административци во Скопје? 

Скопската градоначалничка Данела Арсовска минатата недела, во интервјуто за ТВ Шења, прстот го насочи кон поранешниот градоначалник Петре Шилегов.

– Стотина нови административци биле вработени непосредно пред изборите. Во изминатите четири месеци гледаме како владејачката партија пласира невистини и манипулации дека ќе бидат потрошени средства на партиски вработувања што не е точно. Претпоставувам дека мислеле на нешто што тие планирале да го направат, но сега не се во можност бидејќи ги изгубија изборите. Ние гледаме дека тие ја зголемиле бројката на вработени за 100 нови, а услугите коишто им се нуделе на граѓаните не биле ништо поквалитетни. Напротив, трошеле пари на кафеани, на непродуктивни трошоци и сега повеќе за тие намени не се трошат парите на граѓаните, изјави Арсовска.

На вакви тврдења на Арсовска деновиве немаше одговор од Шилегов. Поранешниот градоначалник по крајот на мандатот не објави ниту едно соопштение за да и објасни на јавноста кои се вработени се примени и каде ќе бидат распределени. Не е објавено ниту колку нивното ангажирање годишно ќе се плаќа од градскиот Буџет, односно, од парите на граѓаните?

Нови вработувања имало и во други скопски општини. Најмногу нововработени лани се примиле во скопската општина Кисела Вода. Таму нови административци станале 11 лица и со што сега во таа општина има 154 вработени, наспроти прекланските 143. Во Бутел лани се примени осум лица и сега има 75 вработени, а преклани имало 67. Во Аеродром плата од општинскиот буџет ќе добиваат уште седум нови административци а со тоа има вкупно 131 вработен, а претходно 124. Во Чаир се примени пет нови вработени и со што граѓаните ќе ги „опслужуваат“ 84 лица, а претходно 79. Во Сарај се примени шест вработени, а во Центар и во Ѓорче Петров се примени по двајца административци.

Намалување на бројот на вработени лани се лсучило само во општина Гази Баба, каде сега има помалку шест вработени, од 94 на 88.  Само во Шуто Оризари бројот на вработените во општината останал ист.

Претходна вестУкраина собира докази за воени злосторства кај Буча, Москва вели дека снимките се „нарачка“ од САД и НАТО
Следна вестСкопјанец возел без дозвола, преминал на спротивната лента, покосил мотоциклист и избегал