Пак е одложено отварањето на Дино-паркот во Зоолошка градина. Новото одложување е за еден месец, а како причина се наведени ниските температури, но и новиот бран на зараза со корона вирусот. Прeтходното одложување беше објаснето со тоа дека е последица на пандемијата.
Објаснувањето звучи логично, но истовремено и како „дежа ви“ ако се знае дека иста судбина има и Луна паркот чија изградба се одложува неколку пати. Еве хронолошки како тоа изгледаше: во мај 2019 година италијанската архитектонска фирма „Бауса“ го презентираше проектот што требаше да биде завршен до средината на 2020 година. Откако тоа не се случи, градските власти одново испланираа средства во тековната година за градење, бидејќи образложението беше оти претходната, 2020-та, парите биле пренаменети за изградба на патишта. Скопјани се скептични дека воопшто ќе почне да се гради Луна парк. Сепак со буџетот за 2021 се планирани 1,45 милиони евра кои треба да се потрошат за таа намена. Во ставката означена како изработка на проект на забавен парк се предвидени 10 милиони денари односно 161.000 евра, за набавка на реквизити 483.000 евра и за изградба предвидени се 806.000 евра. Ама до сега не е почната реализација на паркот. Истиот не работи од април 2017 кога тогашниот градоначалник Коце Трајановски ги почна градежните работи за изградба на нов парк.
Веќе никој не се надева и не чека кога ќе почне да се реализира ветеното за Луна паркот. За Дино Паркот во меѓувреме гледаме и слушаме пофалби, ама отворањето пак е одложено.
Зошто ниеден проект во главниот град не почнува без одлагања и нереални најави?