Владата вчера реши да отвори дебата за Предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби. Тоа се случува откако законот е вратен во Собранието по одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на Законот.
Целта за дебатата била да се најдат најдобрите решенија за тоа како да се изврши планираната легализација. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски повика да им се достават предлози за да се подобри законското решение.
Ова секако дека е добро оти само на таков начин може да се дојде до решенија кои ќе бидат прифатливи за сите – и за јавноста, и за сопствениците на довоградбите и за државата…
Проблемот е само во тоа што ваквата дебата требаше да се води порано, пред да се утврдат спорните законски решенија. Да имаше таква дебата тешко дека ќе поминеше амнестијата на оние кои треба да одговараат за дивоградбите, легализацијата на дивоградбите по национални паркови и други спорни места. Но, таква дебата некому до сега не му беше потребна…
Сега треба да се внимава и на тоа каква дебата ќе има. Да не испадне да се одржи само дебата со истомислениците, по примерот на онаа која беше водена околу реформите во основното образование. Ако се случи таква дебата тогаш подобро и да не се губи време околу тоа. Спорните работи јасно се посочени и од шефот на државата и од јавноста и решенијата се можни. Само треба да се стават на хартија.