Зошто професорите Марковски, Пановски и Даниловски не беа порано барани за совети?

Покана за членување во Комисија за заразни болести не се праќа преку Фејсбук оти тоа е и несериозно и неприфатливо. Ваква лекција доби новиот министер за здравство Беким Сали откако преку социјална мрежа ги покани медицинските експерти Вело Марковски, Никола Пановски и Драган Даниловски да се приклучат на Комисија.

-Не ме контактирал никој, но јавната покана за мене е беспредметна да се коментира. Не сум на толку ниско ниво за да прифатам таков вид комуникација. Се знае каков е начинот за тоа, прво се разговара, па се објавува. На Фејсбук тој може што сака да пишува, изјави соноќа Пановски.

Сличен став имаше и доктор Вело Марковски.

Несериозно да се покануваат експерти преку Фејсбук. Комисијата е советодавно тело на министерот, без суштинско влијание на било какви мерки, рече Марковски.

И професорот Драган Даниловски одговори дека никој не го контактирал, но и тоа немало да го премисли во одбивањето.

-Не прифаќам членување во Комисијата за заразни болести. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна. А тука се и Кризен штаб и Владата… Во таков амбиент, за мене е неприфатливо да ја жртвувам својата автономија, рече Даниловски.

Инаку, сите тројца угледни професори долго време укажуваа дека значаен дел од мерките кои ги предлага Комисијата се погрешни па дури и контрапродуктивни. Тие даваа многу предлози како да се делува, но тоа не беше прифатено токму од Комисијата и претходниот министер Филипче. Зошто тогаш не беа повикани професорите барем да даваат совети – правци?

Што сега ќе направи новиот министер? На Комисијата навистина и треба поткрепа со нови експерти. Но потребно е и политичарите да ги прифаќаат предлозите на експертите, а не само да се ислушаат. 

На пример професорите опоменуваа за несоодветното користење на антобиотици, за преголемото користење на респиратори, за немањето јасни протоколи, а веќе извесно време бараат да се укинат сертификатите…

Претходна вестИзречени 196 санкции во Скопје, 64 за брзо возење
Следна вестНе само бројот на пратеници, треба да се намали и бројот на советници