Скоро и да нема месец во кој не се одржува некој си историски самит, конференција… на која политичарите од регионот заедно со западните тутори не ги решаваат проблемите на населението во т.н. Западен Балкан. Блазе си ни, што ете, имаме среќа некој толку многу да мисли и работи за наше добро.
Овој месец таков самит се падна да биде во Скопје. И тоа денеска. Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите се очекува да бидат главни теми на состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот-Брдо Бриони.
Овој Процес, е настанат во 2013-та година по иницијатива на претседателите на Хрватска и на Словенија со цел да се потпомогне и забрза интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ. И по десет години упорно се одржува и упорно од него по многуте дискусии и правења на заеднички фотографии – ни стасуваат силни пораки дека наскоро не чека подобро утре.
А меѓу два вакви Процеса, се разбира, има и други иницијативи, самити, конференции… Да потсетиме само дека минатиот месец беше одбележана 20-годишнината од „Солунската агенда“ со која ЕУ на земјите од овој регион им кажа дека ги сака во Унијата. Еве и сега по 20 години го повторија истото.
Да ги споменеме и разните самити „ЕУ-Западен Балкан“, па некаков си „Бледски стратешки форум“, па… Се саде звучни и надежни конференции, работни вечери во скапи хотели…
И? Се подобрува нешто поконкретно кај граѓаните во регионов благодарение на силните состанчења кои траат повеќе од деценија? Какво вистинско фајде од ваквите скапи собири има населението? Да, добро е да се дискутира, ама зарем поголемата корист е само за овдешните политичари (сосе евробирократите од Брисел) кои ете низ „семејни фотки“ ни покажуваат дека многу мислат на нас?
ПС. Инаку, токму денеска хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, изрази надеж дека средбата во Скопје нема повторно да заврши со „кавга меѓу раштимани инструменти како последните двапати“…