11 Октомври – голем празник: Пред 80 години нашите предци гордо дигнале глава, а сега…

 Празникот на народното востание, 11 Октомври, се одбележува денеска ширум Македонија во спомен на 80 – годишнината од почетокот на народно-ослободителната борба против фашистичкиот окупатор. Македонија се сеќава и оддава почит и признание на предците кои не се плашеле пред силно вооружените окупатори и тргнале во борба за слобода и формирање на македонска држава.

На овој ден во 1941 година припадниците на Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп кој беше окупиран од бугарските фашистички сили. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред. Така и започнува големата антифашистичката борбата која успешно се води и ги изродува одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава. Во текот на четиригодишната народно-ослободителната борба своите животи ги загубија околу 25.000 борци и жители на Македонија.

 Одбележувањето на 11 Октомври почна вчера Прилеп на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде обраќање имаше премиерот Зоран Заев.

Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци, рече Заев.

Но, колку навистина сегашните генерации се со кренати глави и се горди? Колку навистина се чува аманетот на нашите државотворци сега кога повторно имаме обиди за негирање на македонскиот идентитет? Ова се прашањата кои е добро да се одговорат и на овој празничен ден. Особено треба да ги одговорат властите, но и останатите политичари во Македонија.

Инаку, празнувањето продолжува денеска при што на Могилата на непобедените во Прилеп е предвидена свечена празнична програма и обраќања на претседателот на државата Стево Пендаровски и на претседателот на Општинскиот одбор на борците од Прилеп, Круме Соколоски. Во Скопје, чествувањето ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел во 09:30 часот. Во Куманово, пред Спомен костурницата во градот, цвеќе ќе положат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман.

Претходна вестСекој скап зафат или проект во Скопје мора да се провери на референдум
Следна вестДосега 782 граѓани примиле трета доза вакцина