Секој скап зафат или проект во Скопје мора да се провери на референдум

Нашата позната пијанистка и музички педагог Маја Кастратовиќ својот роден град го сака и покрај сите маани и промени кои не и се допаѓаат…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

– Тие асоцијации се во длабока врска со највредните нешта што ме поврзуваат со мојот роден град како: трите кули покрај Вардар каде што живеев и кои, барем за сега го преживеаја барокот; Камениот мост, кој водеше кон МБУЦ, каде што почнав да ги изучувам тајните на клавирот; училиштата ˝Браќа Рибар˝ и ˝Песталоци˝ и , се разбира, сето она што е поврзано со тие години на растење … Сето тоа создава една посебна аура со свои бои и мириси чиј интензитет не е избледен ден денес.

 Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

– Поранешното силно влијае да, на свој начин, го сакам и сегашното. Се разбира дека некои промени не ми се допаѓаат, но, едноставно, мојата поврзаност со Скопје е толку длабока што успевам неубавините да ги заобиколам. Кога летоска заминував за Словенија, чекајќи неколку часа на Табановце имав доволно време да се изнаплачам како прв пат да го напуштам…

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

 Не сум доволно запознаена со таа проблематика, но сигурно не е едноставно да се води еден простор со таква разнолика структура, која истовремено претставува и своевидно богатство. Ми се чини дека поважно прашање е не колку туку што даваат оние кои што се нафаќаат да го водат градот. Знам дека ова звучи наивно, но неспорно е дека тие што управуваат со градот мораат одлично да ги познаваат потребите на граѓаните и ним да им служат. Секој поголем и финансиски захтевен зафат или проект мора да се провери на референдум. Градот не смее да биде полигон за покажување мускули на политичарите, отворање чекмеџиња, или за остварување на нечии инфантилни идеи и покрај тоа што велат дека бог им простува на оние што не знаат што прават. Можеби..

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

 Една поговорка вели – кој сади дрво мисли на иднината. Бидејќи тоа го имам сторено повеќе пати, следствено тоа би можело да значи дека и јас имам вложено барем нешто. Сепак, најверојатно не сум доринела доволно со оглед на тоа дека одамна сум претежно отсутна, но би напомнала дека кога доаѓам барем не фрлам ѓубре кај ќе стигнам… Шега на страна, секоја прилика, каде и да сум, ја користам да го промовирам мојот роден град и Македонија во најдобра светлина.

 Со што најмногу се гордеете во Скопје?

 Со тоа што после катастрофалниот земјотрес 1963 градот, со сопствени и сили, но и со огромна помош на меѓународната заедница повторно се роди како феникс. Иако сум родена подоцна (1969 г.), фасцинатна ми е помислата дека во обновата на нашиот главен град учествувале луѓе и фирми од речиси целиот свет. Скопје е град на солидарноста и тоа ме прави горда, но тоа очигледно не е доволно да оваа реткост се негува и развива. Напротив, се запоставува и пополека како да паѓа во заборав.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

 Ми недостасува чоколадница како во ˝Музејот на чоколадата˝ , каде што имав среќа да ја пијам највкусната топла чоколада на светот… Би одземала од апатијата, а би додала уште некоја концертна сала со по некоја нова Јамаха и Стенвеј и многу ентузијазам за позитивно справување со предизвиците на иднината

 Во какво Скопје сакате да живеете?

 Во град кој ја почитува и чува својата богата историја. Во метропола која ја негува и развива својата вековна традиција на мултикултурен соживот. Во Скопје кое ќе биде автентичен град на солидарноста во секој поглед.

 Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

 Би рекла дека е поважно прашањето што и зошто во Скопје треба да се зголеми, а што да се намали. Доселувањето секако би се намалило доколку многу повеќе се инвестира во развој во внатрешноста на државата. Има многу неискористен простор каде што со креативни идеи и соодветна инфраструктура може да се осмислат корисни и атрактивни содржини, кои ќе ги задржат луѓето таму, а и убавините на нашата земја ќе дојдат повеќе до израз.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Народот пати, ги лажат за гасификација
Следна вест11 Октомври – голем празник: Пред 80 години нашите предци гордо дигнале глава, а сега…