Преку волонтирање стануваме најдобрата верзија од самите себе

Со Александра Ристовски, самостоен стручен соработник во Црвен крст на Град Скопје во рамките на македонскиот Црвен крст, зборуваме за убавините и вредностите на волотирањето

Колку волонтерството е присутно во Македонија? Кога ќе кажеме волонтери и волонтерство, што стои зад тоа?

-Волонтер на Црвениот крст е лице кое доброволно, со личен придонес, ентузијазам и заложба извршува работи за Црвениот крст, но и помага во подобрување на животот на ранливото население, пред сѐ на локално ниво, без материјална корист. Волонтирањето може да биде организирана или спонтана активност. Во Движењето на Црвен крст, на волонтирањето се гледа како поформална организирана активност. Кога оваа активност е организирана, лицето или лицата кои ја организираат треба да се назначени претставници на организацијата на Црвениот крст или Црвена полумесечина за која работат. Организирано е на ваков начин, за да се обезбеди дека работата која се извршува е во согласност со основните принципи на Движењето на Црвен крст и Црвената Полумесечина. Во Црвен крст на РСМ има околу 8.000 активни волонтери и тие се вклучени во различни дејности како работа со млади, лица во трето доба, лица со попреченост, социјално ранливи лица, односно во социјално- хуманитарните активности, во подготвеност и дејствување при катастрофи и здравствено превентивни дејности.

Во што ја гледате убавината на волонтерството?

– Преку волонтирањето се излегува од конфорната зона во која често пати се наоѓаме. Од моментот кога ќе се излезе од таа зона, започнува процес на развој, раст и учење. Се реализираат активности кои често немаме можност да ги правиме или никогаш до сега не сме ги правеле, што значи дека учиме нови нешта, нови вештини и усвојуваме нови знаења. Често пати учиме и за другите околу нас, но учиме и за самите себе. Се работи во тим, понекогаш сме лидер на тимот, но понекогаш сме членови на тимот. И двете улоги се важни и потребно е искуство за да може добро да се одиграат. Преку волонтирање повеќе координираме и сме координирани, учиме како да презентираме и како да се презентираме. Работиме со целни групи со кои обично немаме допир во секојдневието, лица со посебни потреби, лица во трето доба, самохрани родители… лица заради кои сме подготвени да направиме повеќе, да ги кренеме сопствените ѕидови и да ги смениме одредени лични ставови. Заради сето ова преку волонтирањето стануваме најдобра верзија од самите себеси. Излегуваме променети од целиот процеси и желбата за волонтирањето останува!

Преку волонтирањето се поврзува формални и неформалното образование, односно теоријата и праксата. Преку волонтирање на една индивидуа се отвора можност за запознавање нови луѓе, интензивна комуникација, развивање на лични и професионални вештини и поттикнување на активен пристап кон животот. Волонтерството како модел на функционирање во рамки на општеството создава национална солидарност и во време на неповолни услови каде попросперитетните групи најчесто се жртвуваат за доброто на оние кои имаат потреба.

Еднаш имате изјавено дека волонтерите се „посебна група на луѓе но која не секогаш е разбрана во општеството“. Што мислевте со ова?

о Во Црвениот крст веќе 25 години работам една програма Црвен крст во акција- Промоција на хумани вредности (ПХВ програма), програма која работи на регрутирање на млади волонтери на возраст од 13 до 17 години на Национално ниво, но и пронаоѓа начини како да ги задржи младите во редовите на организацијата. Често пати од младите слушам дека другарите не ги разбираат зошто волонтираат, ги прашуваат често пати кои се бенефитите кои ги добиваат, дали се работи за финаниски надомест и сл. Не се работи за пари туку за придобивки кои им го менуваат животот, трајни пријателства, можност за патувања, добивање на обуки, вештини со кои се стекнуваат, трасирање на животниот пат… и сл.

Младите кои се дел од некои организации кои нудат волонтерски практики и можности знаат дека волонтирањето е алтруистички чин и дека волонтерството се заснова на принципот на доброволност, дејствување во корист на други лица без финансиски надомест. Волонтерите и волонтерството во секоја држава претставуваат човечки потенцијал кој континуирано се мобилизира согласно потребите. Вредноста кои волонтерите ја создаваат и вградуваат во своите активности е „бесценета“, бидејќи поседува особен квалитет кој е збогатен со хуманата димензија на добрата волја.

Како општеството да однегува нови и нови генерации на волонтери? Треба ли некаков (макар и симболичен) надомест да  добиваат волонтери? Крводарителите, на пример, добиваат некои повластици…

-Преку волонтирање како начин на дејствување, личноста има општествена и индивидуална полза. Волонтерството помага при градењето кохезивни заедници, при што се поттикнува поголема доверба меѓу граѓаните и развива норми на солидарност и реципроцитет, кои се неопходни за една стабилна заедница. И Црвениот крст, но и секоја друга организација секогаш мора да има нови модели за волонтирање кои ќе бидат атрактивни и привлечни за сите кои сакаат да станат волонтери. Потребно е креирање модели преку кои ќе се вклучат сите заинтересирани во системот на волонтирање. И во тој систем, на волонтерот секогаш треба да му биде обезбеден оброк додека ја извршува активноста и секако треба да му  биде обезбеден транспорт или транспортни трошоци, во никој случај тој не треба да троши од сопствените средства. Волонтерите се секогаш истакнати како позитивен пример во нашата заедница и на многу пригоди се наградувани со благодарници и плакети. Крводарителите исто така може да бидат волонтери во нашата организација, а нивните бенефиции како дарители се пропишани од страна на државата и законските прописи за крводарување. Ние постојано работиме на нивна мотивација преку семинари, обуки, форуми со кои ги зајакнуваме нивните капацитети, но доделувме и награди и признанија со што ја уважуваме нивната хумана мисија.

Претходна вестАвтобусите на ЈСП „Скопје“ утре ќе возат по неделен возен ред
Следна вестДеца ограбиле деца со нож во центарот на Скопје, полицијата ги фатила