114 години од раѓањето на Круме Кепески: Ја пишував првата македонска граматика, тоа беше јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум…

Македонскиот јазик има длабоки и вековни корени. Но граматиката на современиот македонски јазик седнал и ја напишал Круме Кепески веднаш по Втората Светска Војна кога конечно и Македонија била слободна.

-При пишувањето на оваа граматика имав желба да им дадам на учениците учебник што ќе ги воведе во нашиот литературен јазик и ќе им спомогне да ги разберат неговите основни црти. Колку ќе одговори овој учебник на поставените цели ќе покаже праксата… запишано е во Предговорот на првата Македонска граматика напишана од Кепески, а објавена на 24 јануари 1946 година.

Круме Кепески е роден на денешен ден пред 114 години во Прилеп и е еден од основоположниците на современиот македонски литературен јазик.

– Замисла да се зафатам со пишување на Граматиката кај мене се појави уште за бивша Југославија, кога бев студент на Филозофскиот факултет во Белград во триесетите години пред Втората светска војна. Тогаш често со другите студенти од Македонија, Крум Тошев, Венјамин Сапунџија и други, дискутиравме, во случај Македонија да биде слободна, како би го создале македонскиот литературен јазик. Зборуваме и за тоа кои наречја би биле главни. Некои од нас предлагаа за основа да биде штипскиот говор, други охридскиот, Крум Тошев и јас бевме на мислење дека најдобро ќе биде, ако се земат за основа централните говори – Прилеп – Велес – Битола, со образложение дека тоа подрачје има најмалку влијание како од бугарскиот така и од српскиот јазик. Подоцна, фактички тоа и се случи. Нашето мислење не се засновуваше врз основа на некое подруго поранешно сознание. Ние воопшто не знаевме дека Крсте Мисирков го ставил на книга далеку порано. Тоа беше јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што јас го познавав, зборуваше во своите сеќавања Круме Кепески.

Во 1945 година бил поставен за професор во Прилепската гимназија, кога и почнува да работи на првата македонска граматика од каков учебник се чувствува голема неопходност во училиштата на ослободена Македонија. Во 1946 – есента – бил повикан во Скопје, во Поверенството (Министерството) за просвета, каде што работел на општата македонска терминологија и бил назначен за редактор на првото македонско книгоиздателство,„Просветно дело“, од кое излегоа првите македонски книги: буквар, граматика, читанки, преводни книги и др. Во зимата на 1947 година бил испратен од Министерството за просвета во Пиринска Македонија, во Горна Џумаја, сега Благоевград, каде што работел како професор во Учителскиот институт – рамен на Виша педагошка школа и се занимава со организирање курсеви по македонски јазик за тамошните учители и професори. Во текот на 1948 година, се вратил во Скопје и бил на работа во учителската школа „Никола Карев“ во Скопје, а во исто време хонорарно предавал и на курсот за наставници во прогимназијата. Во 1949 година, бил назначен за професор на Вишата педагошка школа во Скопје, на која должност со мали прекинувања се наоѓа до крајот на работниот век.

По првата, Кепески се јавува и како автор на повеќе други учебници врзани за граматиката на македонскиот јазик, коавтор е и на Ромска граматика со Шаип Јусуф, а пишуваше и многу статии, објавени во периодиката, а посветени на македонскиот јазик.

Претходна вестДенеска е Лазарева сабота или Лазарица, се празнува во спомен на Лазаревото воскресение
Следна вестСи ја изми четката за варосување и кофата во Охридско Езеро и замина…