126 години од Виничката афера: Жестока тортура и убиства, над 1.000 измачувани Македонци, но борбата не запре…

Да бидеш комита во турско време било голема храброст. Да си припадник на Македонската револуционерна организација која беше формирана на 23 октомври 1893 година и да се бориш за слобода на македонскиот народ била голема племенита работа, но и ризик – опасност. Опасноста демнела од турската војска, од башибозукот, од уфрлени чети на соседните земји, од предавниците, од…

Што поголеми биле напортите на македонските патриоти да кренат големо вооруженото востание, тоа повеќе непријатели кружеле околу нив. Турските воени и полициски служби веќе имаа сознанија за делувањето на Организацијата правеа се за да дознаат за нејзините членови, да ги упасат и целосно спречат во делувањето. Таква голема акција, наречена Виничка афера или Виничка провала, била спроведена во 1897 година, само четири години по формирањето на МРО, а која претставувала тежок удар за македонските револуционери.

Почеток на Аферата, односно, на провалата и откривањето на мрежата на македонските револуционери, членови на МРО, се случува во Виница, во близина на Кочани. Тогаш, на денешен ден, 14 ноември 1897 година разбојничка чета раководена од Коте Голчев од Берово, дојдена од Бугарија, упаѓа кај богатиот Турчин Касим-бег кого го убиваат заедно со неговиот чувар. По убиството разбојничката чета бега и се крие во Бугарија. Но, потоа се случувале кобните настани. Полјакот Ѓорѓи, односно, ноќниот чувар на бегот бил приврзаник на Македонската револуционерна организација. И, токму тоа убиство стана причина да се расплете и развие страшната Виничка афера.

Другиот ден кочанскиот кајмакам се појавува со стражари и војска во Виница, ги подложува селаните на ќотек и измачување. Фатена била и жената на убиениот чувар, која кога го видела мртов својот маж, мислејќи дека е убиен од Организацијата, соопштила за инат на Организацијата дека во нејзината куќа има и складирани комитски пушки. Наоѓајќи ги посочените пушки, кајмакамот ги претресува и другите куќи и открива: пеесетина пушки, дваесетина бомби, неколку сандуци со патрони и малку барут.

По ова, следувала интензивна акција на турската полиција и војска за да ја откријат целата конспиративна мрежа на македонски револуционери. Скопскиот валија Хафуз паша, си постави за задача да ги открие сите нишки на заговорот, а назначен за истрагата беше полицаецот Дервиш ефенди кој во дејство ги стави сите познати полициски инквизициони методи со измачувања. Откривањата набрзо ги опфатија повеќе или помалку и соседните кази: Штипска, Кратовска, Паланечка, Радовишка, Кумановска, Малешевска и дојдоа дури до Скопје. Мноштво од организационите првенци по селата и градските раководители беа поапсени и ги почуствуваа ужасите на инквизицијата, други пак успеаја да побегнат.

Како резултат на истрагата и насилствата спроведени во текот на нејзината акција се убиени пет лица, петмина други умираат на крајот од тортура, 111 лица се претепани, 13 жени и мажи се силувани, вкупно уапсените се 528 лица, а околу 300 луѓе избегале во Бугарија. Вкупниот број упасени надминал 1000 лица. На масовните апсења и жестокоста на теророт следувале индивидуални и колективни протести и од другите градови на Македонија. За запирањето на теророт на властите интервенирале и дипломатските претставници на Русија, Австро-Унгарија и Велика Британија.

Во ова провала Организацијата губи многу оружје, претрпува морални штети и вредни организациски кадри, но истовремено, таа беше и големо искуство за тоа како треба да се гради мрежата и да се штитат членовите и подржувачите, како да се казнуваат предавниците.

А во „Мемоарите“ на Внатрешната организација се дава изворна претстава за методите кои ги применуваа инквизиторите во текот на Виничката афера. Таму детално секоја жртва е спомената со име и начинот на кој била измачувана и убивана. Тешко е тоа сега дури и да се прочита.

Сепак, организацијата тогаш не потклекнала, македонскиот народ продолжил да се бори за својата слобода.

Претходна вестСвечено доделени наградите „13 Ноември“
Следна вестСе празнуваат светите Козма и Дамјан – чудотворци кои ги лечеле луѓето бесплатно