Рамадан Шукри
Во градот ми недостига поголема организација (организираност во сообраќајот и дивите угостителски и други објекти) За младите и другите поколенија, мислам дека треба да има што повеќе институции со воспитно едукативен и забавен карактер…, вели Шукри
Рамадан Шукри целиот свој живот ѝ го има посветено на музиката. По вокација контрабасист својот работен стаж го врзува за Македонската опера и балет, сè до неговото пензионирање. Но, уште поважна е неговата педагошка дејност во текот на која е одговорен за музичко обликување на илјадници млади умови во изминативе речиси пет децении. Во 1981 година го основал мандолинскиот оркестар при МКЦ, каде што работел до 2001 година, а потоа заедно со син му Ерхан Шукри, го формирал сегашниот мандолински оркестар, „Скопје“, со кој работи и освојува награди.
Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Кога се спомнува Скопје, во мене извираат многу позитивни емоции и мисли со кои постојано мислам дека нашиот град Скопје е велеград, како и останатите градови во Европа затоа што квантитативно и квалитативно ги поседува скоро сите компоненти како горенаведените градови.
Kое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– Го сакам повеќе ова Скопје затоа што овозможува поголеми можности, просперитет, перспективи и поквалитетен живот од порано.
Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Скопје и Скопјани иако даваат, плаќаат, институциите и градоначалниците за жал, не му даваат доволно на градот тоа што е потребно и тешко ги разрешуваат градските проблеми.
Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Во рамките на моите можности, во изминатите пет децении, мислам дека многу вложив и му дадов на градот во областа на образованието, културата и уметноста.
Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Најмногу се гордеам со тоа што градот ми овозможи да ја остварам мојата животна желба и цел, да бидам она што сум денес како професор, педагог и музички уметник во скоро сите национални установи (МОБ, МФ, македонскиот камерен оркестар, МБУЦ и други општествени организации, како надворешен соработник во разни комисии и сл.)
Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Во градот ми недостига поголема организација (организираност во сообраќајот и дивите угостителски и други објекти) За младите и другите поколенија, мислам дека треба да има што повеќе институции со воспитно едукативен и забавен карактер.
Во какво Скопје сакате да живеете?
– Сакам да живеам во Скопје како град кој што ќе има позитивен дух за сите возрасти и спојување на сите етникуми за да се надминат предрасудите и одвоеноста на луѓето. Да се оствари единство и заедништво. Сите овие мисли, идеи и сличности доведуваат до поубав, помирен, поспокоен, позитивен и квалитетен живот на сите луѓе што живеат во нашата метропола, Скопје.
Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– За мене Скопје е преголем град и треба да се намали затоа што скоро дел од цела Македонија е во Скопје и не овозможува да се развијат и останатите градови во државата.