145 години од Македонското кресненско востание: Се бореа за Македонија под паролата „Слобода или смрт“

…Во желба да го отфрлиме од нашата татковина турскиот јарем, секој од нас, кој колку може, станавме да се жртвуваме, бидејќи од секого од нас е нужна помош. Ние востанавме како поборници на слободата. Со нашата крв што ја пролеваме низ полињата и горите македонски ние служиме, како македонска војска на Александар Македонски, за слободата со нашата девиза: Слобода или смрт!, пишуваше во Правилата на Македонскиот востанички комитет кој пред 145 години на 17 октомври 1878 година го крена Македонското кресненско востание. Ова востание практично го одбележа бурниот 19 век бидејќи неговите предводници и востаници одбивале Македонија да остане османлиска провинција според претходните одлуки на Берлинскиот конгрес. Тогаш, здружените востанички и доброволечки чети на чело со свештеникот Стојан Карастоилов, охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки и учителот Димитар Поп Георгиев Беровски се огласиле во селото Кресна, во долина на реката Струма во Пиринскиот дел од Македонија, почнувајќи акции чија крајна цел била извојување слободна и независна македонска држава.

Околу 400 востаници, предводени од Димитар Поп Георгиев – Беровски и војводата Стојан Карастоилов, го нападнале селото Кресна, каде што се наоѓала османлиската касарна. Притоа ја зазеле касарната и ослободиле неколку места каде што била создадена народна власт. Главните подготовки за кревање на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци-учители, трговци,свештеници итн. Најангажирани во подготовките биле охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки и познатиот македонски револуционер учителот Димитар Поп Георгиев Беровски кој бил назначен за началник на штабот, а прв војвода на четите бил поп Стојан Карастоилов. Во востанието со своја чета учествувале и познатиот македонски борец и прв македонски историчар Ѓорѓија Пулевски и војводата Кара Тодор од Тетово, познат како „страв и трепет за башибозукот”.

Востаниците брзо ги ослободиле и селата Влахи, Оштава и Ново село, а востанието ја зафатило и областа Каршијака, десно од реката Струма. Веднаш по востанието било формирана полициска управа. Во сите ослободени места била воспоставена народна власт, а народот без разлика на националната и верска припадност, бил целосно ослободен од сите даноци. По ослободувањето на Кресна, востанието се проширило во околината и подалеку во Мелничко, Демирхисарско (Пиринска Македонија), Малешевско, Пијанечко.

Пред почетокот на востанието биле напишани и Правилата на Македонскиот востанички комитет или Привремени правила за организација кои преставувале законодавен акт за време на востанието, а со нив бил регулиран целиот општествено-политички и економски живот на востаничката територија. Инаку, едни од главните правила на Востаничкиот комитет биле и тие востанието во Македонија кое било е уште локално, треба да се прошири низ цела Македонија, во востанието учествуваат луѓе од самата Македонија кои се чувствуваат Македонци и ја сакаат слободата на својата татковина, но и сите македонски жители, без разлика на вера и народност кои ја сакаат слободата, како и сите доброжелатели на Македонците од соседните и подалечните земји…

-Нашата цел на Македонското востание не е никаква тајна. Таа е ослободувањето на Македонија, земјата на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методиј, која со векови страда под турското иго. Затоа секој што не се бори за нејзиното ослободување, туку си прави своја сметка – за него нема место во востанието…, пишуваа востаниците.

Востаниците користеле и свој печат на кој има напис „Македонско востание“, најдолу годината „1878“, а во средина стои „Печат на началникот на штабот“.

Востанието траело повеќе месеци, се проширило на поголема територија во Пиринскиот дел на Македонија и во најисточните делови од Вардарскиот дел на Македонија, но завршило откако почнало да се случува бугарско влијание со кое е практично уништено  раководството на востанието.

Иако во целост подготовките за востанието биле во раководени од македонските војводи, бугарскиот комитет Единство барал командата на востанието да се довери на офицерот Луј Војткевич и на Адам Калмиков, првиот Полјак а вториот Украински Козак, кои исто така биле учесници во тогашната руско-турската војна. Македонските војводи на почеток се согласиле, и Калмиков бил и член на главниот штаб, и заедно со Беровски бил водач на востанието. Првите несогласувања меѓу Македонците и двајцата странци кои биле под контрола на бугарскиот комитет Единство се јавиле по ослободувањето на Кресна и неколку околни села под Пирин. Претставниците на комитетот Единство, Адам Калмиков и Луј Војткевич сакале востанието да биде проширено што поскоро и во останатите делови на Македонија. Но Беровски, Стојан Карастоилов и другите македонски војводи се стремеле најпрво востаничката територија да се организира, да се набави оружје, муниција и друг воен материјал, да се регрутираат свежи востанички сили и дури потоа да се удри на останатите области. Со тоа се случил и прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија која по секоја цена сакала да го превземе востанието, и да ги спроведе плановите на бугарските комитети, кои довеле до големи недоразбирања и судири со македонските војводи. Првиот судир настанал при борбите за ослободување на Кресна, меѓу македонскиот војвода Стојан Карастоилов и Адам Калмиков. Подоцна судриот помеѓу двајцата странци Калмиков и Војткевич ќе предизвика толкаво незадоволство кај македонското раководство, што началникот на штабот Димитар Поп Георгиев Беровски ќе напише остро писмо во кое го осудува самоволието и мешањето на Софискиот комитет во Македонското востание. По борбите во Разлошката котлина, Беровски, Карастоилов и другите македонски војводи решиле да ги отстранат Калмиков и Војткевич од раководните позиции на востанието, затоа што двајцата извршувале наредби на бугарскиот комитет Единство и не соработувале со македонските водачи. Бугарскиот комитетот Единство веднаш остро реагирал и испратил комисија од тројца комесари кои спровеле воен суд за Стојан Карастоилов, Беровски и другите македонски водачи. Македонските војводи биле осудени на смрт од бугарските комесари. Смртната казна врз Стојан Карастоилов била извршена во декември 1878 година, додека Беровски успеал да се спаси. На тој начин македонските војводи биле отстранети од раководењето со востанието, а тогаш главен раководител на востанието станал комитетот Единство. Откако македонските востаници увиделе дека македонските војводи подло и насилно биле отстранети од востанието, почнале да ги напуштаат востаничките редови, а тројцата комесари не можејќи да ја контролираат ситуацијата се вратиле во Бугарија.

Поради таквата состојба Натанаил Кучевишки заминал за селото Падеж и таму на 6 јули 1879, издал наредба за демобилизација на четите и собирање на оружјето кое требало да се складира во селото Бураново. Со самото тоа Кресненското односно Македонското востание завршило.

Македонските историчари во Македонското кресненско востание гледаат како на важна етапа во борбата за човекови права и слободи, борба за создавање на самостојна македонска држава и како важна етапа во развојот на македонското националноослободително револуционерно движење.

Претходна вестОблачно и студено со повремени врнежи од дожд
Следна вестОд јуни до октомври евидентирани 2.082 пожари