Во последните 24 часа се направени 1227 тестирања, а регистрирани се 156 нови случаи на ковид-19, соопшти денеска Министерството за здравје.
Најголем дел се забележани во Скопје – 100, Куманово 11, Дебар 1, Штип 6, Прилеп 1, Тетово 19, Струга 2, Велес 6, Битола 1, Охрид 1, Кавадарци 1, Гостивар 1, Гевгелија 1, Кочани 3, Кратово 1 и Свети Николе 1
–Починати се 6 лица, четворица пациенти од Скопје и двајца од Тетово. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починати се 2 лица од Скопје, пациентка на 70 години, хоспитализирана на 16 јуни и пациентка на 76 години, од 10 јуни на клиниката. На Клиниката за нефрологија почината е пациентка од Скопје на 74 години и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ почината е пациентка од Скопје исто така на возраст од 74 години. Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Тетово на 66 години, примена во болницата на 14 јуни. Во КБ Тетово почина пациент на возраст од 71 година, хоспитализиран на 16 јуни, се наведува во инфорамцијата.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 27 оздравени пациентиво Македонија.
–Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 4820, бројката на оздравени пациенти е 1863, на починати е 222, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2735, се наведува во информацијата.
Досега во Македонија се направени вкупно 49.020 тестирање на ковид -19. Во рамките на скринингот се направени 31 тестирања во градинки во Штип, нема позитивен резултат на ковид-19.