Утре во 18 часот црн ТВ екран, а можно е за време на кампањата да нема телевизија од 19 до 22 часот

Како што веќе најавија сите оператори, утре во 18 часот ќе направат едночасовен прекин на сите ТВ канали вклучително и македонските (освен МТВ) , како реакција на Уредбите на Владата кои се однесуваат на регистрација на странски канали. Операторите се жалат дека се приморани на ова како последна опомена поради наметнатите нови правила кои како што велат се неприменливи и од 6 август ќе мора да ги изгасат каналите.

За да се избегне оваа мерка-протест, на барање на АВМУ беше закажан состанок меѓу преставници на операторите, со македонските национални телевизии и со министерот Дамјан Манчевски, но до неа нема да дојде бидејќи од телевизиите не покажале интерес да присуствуваат на средбата.

По ова одбивање на разговор, операторите го потврдуваат утрешното едночасовно исклучување на ТВ каналите, што е протест, а воедно и се покажува на граѓаните што ќе гледаат по 6 август поради недоволно добрата регулатива која е донесена од Владата.

Инаку, као што се дознава, по овој едночасовен прекин ќе следува и посилна реакција на операторите. Од среда со почетокот на предизборната кампања, операторите ќе ги исклучуваат каналите секој ден од 19 до 22 часот.

За потсетување, операторите пред два дена дадоа поконкретно објаснување дека овој нивен чекор се должи на измената на законската и подзаконската регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни обврски.

-На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност, особено нашите крајни корисници, кои ќе бидат најмногу погодени од актуелното законско решение. И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сè повеќе се комплицира. Одлуката за времени прекини ја поддржуваат сите оператори кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија, соопштија тие.

Претходна вестГрадоначалникот Шилегов е позитивен на корона вирусот, клиничката слика му е добра
Следна вестИ денеска претпладне сончево – попладне дожд