Ќе има ли пак црн ТВ екран, како ќе реагира Владата на времениот прекин на каналите?

Македонските оператори вечерва времено (еден час) прекинаа со реемитувањето на ТВ програмите (освен на МРТВ) во знак на протест поради, како што објаснуваат, неуставни обврски кои им се наметнаа со Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.

-На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност, особено нашите крајни корисници кои ќе бидат најмногу погодени од актуелното законско решение.И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сѐ повеќе се комплицира, наведува во соопштение операторите кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.

Операторите објаснуваат дека со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност.

-Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон. Дополнително, на 29.05.2020, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена. Сите оператори, по истекот на овој период, односно на 08.08.2020 ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту пак моќ да го контролираат, се наведува во соопштението.

Останува да се види дали Владата по оваа опомена-протест ќе ги преразгледа своите одлуки и евентуално дел од нив да ги поправи со цел граѓаните на Македонија на своите телевизори да имаат што е можно поголема понуда, а не црн екран и враќање во времето кога можеше да се гледаа само неколку канали.

Инаку, операторите објаснуваат дека и понатаму ќе преземат сè што можат за да се најде решение на наметнатиот проблем. Целта им е да се избегнат натамошни штети и да се заштитат корисниците. Но вчера неофицијално се најавуваше дека ако нема реакција од надлежните, можно е црн екран на телевизорите да има и наредните денови односно од среда.

Претходна вестВо продавница на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, фрлена експлозивна направа
Следна вестТепачка за медицински сестри во „Панче Караѓозов“: гледаат виза за да избегаат од државата?