Скопје е полно со институционални недоречености и аномалии. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски уверува дека постојано работи на подобрување на состојбите и нагласува дека затекнал многу лоша состојба во јавните претпријатија.
Направена ли е ревизија на работењето на поранешната градоначалничка Данела Арсовска особено ако се знае дека во последните две години од нејзиниот мандат имаше сериозни забелешки за нејзината работа?
Станува збор за период обележан со проблеми во јавните претпријатија, лоша хигиена, застој во клучни проекти и акумулирање долгови. Градоначалник Ѓорѓиевски вчера објави бројки за состојбата во која го презел Градот. Логично е да се направи и темелна ревизија на тогашното работење и трошење на парите на скопјани.
Буџетот на Град Скопје надминува 140 милиони евра годишно – пари на граѓаните за кои мора да има јасна слика каде завршиле. Ако се земе предвид целиот мандат, станува збор за близу половина милијарда евра.
Инаку, Арсовска си замина без сериозен отчет – иако имаше програма од 69 страници, јавноста не доби ни „6,9 реченици” за тоа што е реализирано.
Ревизијата не е политичка пресметка, туку обврска кон граѓаните. Таа треба да покаже дали имало пропусти, неефикасност или злоупотреби. И не само во овој случај – за секој избран функционер мора да постои ревизија.
