19-годишно момче загина на рингишпилот во Пефкохори откако му се скрши столчето

Младо 19-годишно момче го загуби животот во незгодата што се случила синоќа во грчкото летувалиште Пефкохори на Халкидики. Грчките медиуми пренесуваат дека несреќата се случила на рингишпилот во забавниот парк во ова летувалиште откако на момчето му се скршило столчето на кое што седел. Не е познат идентитет на момчето, ниту негово државјанство. Во ова летувалиште, инаку, често престојуваат и македонските туристи.

Набрзо на лице место пристигнала брза помош и тој веднаш бил пренесен во болница, но не бил спасен. Тој бил прогласен за мртов набргу по приемот.

Полицијата го уапсила сопственикот на забавниот парк, а истрагата е во тек.

Според зборовите на братот на загинатото момче се се случило во една секунда.

– Отидовме во забавниот парк и тргнавме на возење. Седнавме на седиштата, а потоа сопственикот ни рече да се помрднеме. Пред да започне возењето рече дека ќе биде добро. Отпрвин сè започна полека, а потоа сѐ побргу и побргу. Седиштето ни се лизга, му реков на брат ми. Потоа почувствував како се откачи дел зад мојот грб, објасни братот на погинатото момче.

Потоа ги опиша драматичните сцени што следеа.

– Во секунда паднав на грб и сфатив дека брат ми не е до мене, се припивав за железната шипка, а брат ми излета од седиштето, не одлета далеку, но ме удри по глава, јас се задржав. Сето ова се случи пред нашиот брат и мајка. Операторот го немаше никаде, други луѓе ја запреа справата. Кога слегов, видов дека брат ми лежи наземи, објасни момчето.

Полицијата веднаш реагирала и го привела сопственикот на забавниот парк. Истрагата ќе покаже дали несреќата е резултат на човечка грешка, технички дефект или несоодветно одржување на апаратите.

Градоначалникот на Пефкохори, Јоргос Циркудис, рече дека не знае кој е одговорен за забавниот парк и додаде дека паркот постои 20 години.

 

Претходна вестГлумат питоми скопјани, а прават диви депонии
Следна вестЕдно лице смртно застрелано на паркингот кај „Мавровка“