Бисера Костадиновска- Стојчевска: ВМРО-ДПМНЕ пласира голема лага, ако имало злоупотреби нека покренат постапка

Како целосна лага на ВМРО-ДПМНЕ екс-министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска ги оквалификува денешните тврдења на владечаката партија дека трошела државни пари за време на престојот во Лондон. Таа ги отфрли ваквите наводи како неточни и нецелосни, дел од „ниска мизерна кампања на ВМРО-ДПМНЕ насочена кон нејзина лична деградација“.  Тврди дека нејзините трошоци биле транспарентни и согласно правилата.

-Го охрабрувам ВМРО-ДПМНЕ, ако има било какви наводи за моја злоупотреба на државни пари, да постапи согласно закон и да покрене постапка, а не вака да ме деградира мене лично со измислување различни прекари. Тоа за нив не е чудно, но за јавноста и повеќе од половина  милион кои ги гласаа навистина  е смешно, зашто ништо од тоа што го тврдат не е точно. Мојата агенда за време на посетата на Лондон беше јавна и транспарентна. Може да се информираат дали јас сум имала време да направам толкав шопинг, изјави Костадиновска – Стојчевска.

Таа додава дека уште пред неколку дена добила дојава дека и се подготвува вакво оцрнување.

-Токму затоа јас пред неколку дена извадив извод од моите лични сметки, од кредитна и дебитна картичка, каде што може да се види со кои картички се направени плаќања за кои што тие обвинуваат. Објавувам еден од доказите дека не сум користела буџетски средства ниту службена картичка за купените куфери. За оние трошоци за кои, како што самиот пратеник кажа, дека нешто имаат а нешто немаат документација, не знам каде ги нашле тие продавници, дали на гугл-нет. Меѓутоа, можат слободно да се јават кај вршителот на должност кој беше во тој период кога јас бев на службено патување и да прашат дали јас имав слободно време за шопинг во Лондон, рече таа.

Претходна вестФрлил неизгаснат отпушок па предизвикал пожар во близина на охридскиот аеродром, најдени и канти со бензин
Следна вестБеше фатена во стапица со сајла околу градниот кош, тим на Скопската зоолошка спаси мечка