Во Скопје и во Ротимље денеска ќе биде одбележана 20-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски кој заедно со членови од неговиот Кабинет загина во авионска несреќа во близина на Мостар.
На гробот на Трајковски и на вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата на градските гробишта во Бутел, како што е најавено, цвеќе ќе положи претседателот на државата Стево Пендаровски.
Исто така, вечерва со почеток во 20:30 часот во Национална опера и балет ќе се одржи комеморативен настан, на кој свое обраќање ќе има претседателот Пендаровски.
Претставник на Кабинетот на претседателот ќе присуствува и на церемонијата на одбележување на годишнината пред спомен – обележјето на местото на несреќата во Ротимље, Босна и Херцеговина, како дел од државната делегација.
Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.
Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.