На 8 септември почнува традиционалниот, 29-ти по ред фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој ќе трае до 13 септември, а ќе се одржува во театарот „Антон Панов“ во Струмица.
Според селекторот, Љупчо Ѓеоргиевски, годинава се понудени десет остварувања од земјава и странство.
-Театарот, како и чумата, е лудило кое се пренесува на другите. И не само заради тоа што како и чумата делува на целокупното општество, туку и во театарот како и во чумата има нешто што истовремено е и победничко и осветничко. Тој не само што е заразен како и чумата, туку е и откровение преку кое се врши локализирање на сите извитоперености на духот. Како и во чумата, во театарот постои некое чудно сонце, светлина во која и невозможното станува нормален елемент. Театарот како и чумата ги разрешува судирите, ослободува сила, открива возможности, колективно празни еден гигантски, колку морален, толку и општествен чир. Тој како и чумата е создаден да ги празни колективните чирови. Театарот како и чумата е криза која завршува со смрт или исцелување, дејството на театарот како и дејството на чумата е благородно, бидејќи ги тера луѓето да се видат онакви какви што се, ги симнува маските, ја разоткрива лагата, расипаноста и лицемерието и ги повикува пред лицето на судбината да заземат херојски и возвишен став, напиша Ѓоргиевски.
Фестивалот се отвора со претставата „History of moderfuskres” по мотиви на „Кориолан” од Вилијам Шекспир, авторски проект на Андраш Урбан. По нив ќе се претстават актерите од штипскиот театар со „Крилја” од Артур Копит, во режија на Никола Ристов.
Во останатите денови на репертоарот се претставите „Кармен” на Драмскиот театар од Скопје, „Среќниот принц” на Театарот Враца од Бугарија, „Драма изгубена во времето” на кумановскиот театар, „Само глас” на МНТ од Скопје, „Злоставувани” на театарот од Шабац, Србија, „Човекот од Подолск” на Театарот Плевен од Бугарија, „Јами дистрикт” на БИТЕФ театарот од Белград, Србија, а завесата на годинашниот фестивал ќе се спушти по претставата „Три жени” на Тигар театар, Театар Форт Форно и Осиечко културно лето од Хрватска.
Наградата на фестивалот е златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра.