Откако извештајот за тоа што се случи во тетовската модуларна болница на 8 септември, кога во пожар изгореа 14 пациенти и нивни роднини – стигна во тетовското обвинителство, поминаа 3 дена. Уште нема никаков детал од истрагата иако и самиот премиер Зоран Заев рече дека „наскоро ќе се обелодени“.
Ваква изјава Заев даде истиот ден кога беше соопштено дека извештајот е предаден во ОЈО Тетово. Прашањето е зошто Заев дава временска најава дека наскоро ќе се објават деталите, и второ кога е „наскоро“? Дали за време на кампањата или сепак политички ќе се игра и ќе се чека изборите да поминат?
Семејствата на 14-мината загинати го чекаат епилогот. Се организираа и протести со намера да се натераат институциите на одговорност и побрза истрага. Но, безмалку еден месец по трагедијата нема ниту виновници ниту одговорност.
Од извештајот за причините за избувнувањето на пожарот на 8 септември во модуларната ковид- болница ќе зависи и одлуката на премиерот, за понудените оставки од министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот Илир Хасани и двајцата директори на тетовската болница.