Во доцните вечерни часови на 12 август, Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ РСМ е телефонски известен за позитивен резултат на конго кримска хеморагична треска од направените тестови на материјал добиен од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, извести Институтот за јавно здравје. Тестирањата се направени на Одделението за вирусологија при ИЈЗ.
– Заболеното лице е маж на возраст од 42 години, од Велес, трансфериран на Клиниката од Општа болница Велес, истиот ден. Почетокот на симптомите на покачена температура до 38°Ц, главоболка, болка по телото, малаксаност и обилно потење, е 5 дена пред преглед во Општата болница во Велес.
Веднаш е известен ЦЈЗ Велес да формира тим кој направи епидемиолошка анкета на заболениот, проценка на ризик во семејството и на лицата кои биле во контакт во здравствените установи.
Во моментов, пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и во стабилна општа состојба, соопштува Институтот за јавно здравје.
Контактирана е Агенцијата за храна и ветеринарство за дополнителни истражувања на терен.
Ова е трет регистриран случај во државата.