Аргентина се уште е во транс. Прво од фактот дека нејзината репрезентација на чело со извонредниот Лионел Меси станаа светски прваци и второ од самата прослава која се случува во земјата.
Низ улиците на Буенос Аирес според тамошните проценки преку пет милиони луѓе излегле за да ги поздрават националните херои. Навивачите ги преполниле сите булевари, се качувале на канделабрите, семафорите и покривите на автобуските станици каде славеле и ги чекале фудбалерите.
Во сета еуфорија, за жал, еден 24-годишник паднал низ стаклен покрив и набргу починал, а друг навивач починал откако знамето кое го имал околу вратот му се фатило во тркалото на моторот и го задушило. Петгодишно момче е во кома откако на главата му паднале остатоци од споменикот на кој навивачите се качувале.
Имало дури и хулигани кои краделе полициски возила и со нив се движеле низ градот.
Ситуацијата била на работ да излезе од контрола во моментот кога автобусот со играчите повеќе не можел да се движи напред или назад низ огромната толпа луѓе. Додека автобусот минувал под надвозникот, многу навивачи се обиделе да скокнат во него, а дел од нив паднале и биле тешко повредени.
Полицијата успеала да го одвои автобусот од толпата и да го однесе на безбедно, од каде играчите биле префрлени во два хеликоптери. Тие неколку пати го прелетале центарот на градот, а потоа се упатиле кон претседателската палата на официјален прием.