Колумна на Никола Тасев:
На крајот на секоја зимска сезона имам желба да пишувам за успесите на туризмот и како илјадници љубители на зимските спортови од европските земји, претежно од Франција, Австрија, Италија и Швајцарија ги посетиле популарните скијачки центри во Македонија. Покрај во Маврово и Попова Шапка, уживале и во питомата Пониква, во пространиот Кожув, колоритниот Пелистер и во уникатното Крушево. Имам желба да пишувам и како економијата се опоравува од девизите што кај нас ги оставаат странските туристи и како овој стопански сектор вработува многу луѓе. Имам желба, ама…
Е наместо таа пустата желба и годинава, при крајот на оваа сезона, само ќе заклучам дека се исто како и лани: Македонците ги уживаа убавините на Копаоник, Боровец и Банско, нашите девизи опоравија туѓи економии, а скијалишта ни беа полни само со локалци кои живеат таму или имаат викендици и еднодневни домашни скијачи.
Во годините кога бевме дел од Југославија во скијалиштата нешто и се инвестираше, иако недоволно. Но сега – не се инвестира речиси ништо. Не е доволно на Шапка да се отвори нова жичарница, ако нема пат и паркинг како да се стигне до неа. Скијачките центри бараат комплетна инфраструктура. А во времето по независноста, единствената инвестиција која ја паметам е на Кожуф, пред 20 години, но и тој скијачки центар се затвори по првата година од отварањето. Официјалната верзија беше дека е заради неизградениот пат до скијалиштето, а неофицијалната е дека некој ги украде парите за финализација на проектот.
Сите наши досегашни власти никако не сфатија дека туризмот во последните години, во време на отворени граници, се наметна како еден од најважните општествени, економски и спортски феномени на современиот развој на светот. Но без системи за вештачко оснежување, без вложување во жичарници и ски лифтови, без создавање на кадарни туристички работници, без понуда на придружни услуги и особено без промоции и маркетинг – зимски туризам не бива.
Ајде некако ќе ги разберам „владетелите“ за летниот туризам – Македонија нема море, но за зимскиот? Питоми, високи и пространи планини, зимски убавици што не знаат ни како да ги нашминкаат. Ај што не знаат, па не дозволуваат ниту друг да ги разубави. Многу инвеститори доаѓаа во минатото, гледаа, мереа, премеруваа па се откажуваа. Приказните се дека на крај им излегувало оти повеќе треба да дадат „под маса“, отколку што треба да инвестираат.
Оттука и да не не чуди што при една анкета во средните училишта во Скопје, на прашањето кој е најблизок скијачки центар, само 11 отсто одговориле Маврово, 3 отсто Попова Шапка, а дури 42% како најблизок го навеле Банско во Бугарија. Дури и Копаоник и Боровец за учениците биле поблизу од нашите центри. Да не споменувам и тоа дека Пелистер и Пониква не им биле познати на децата.
И оваа сезона е пропуштена, затоа нека си ја чукне главата некој од надлежните и нека преземе нешто. Треба акција! Многу лесно Пониква може да стане македонски Копаоник, а Пелистер – наше Банско.
Или пак ќе чекаме до следни избори за да уживаме во македонскиот зимски туризам претставен во изборните спотови и памфлети, а по изборите тие што ветуваат подобра сезина во Македонија ќе побрзаат да резервираат сместување во странските скијачки центри.