Хакерски напад на веб-станиците на неколку банки во Македонија

Вчеравечер, кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка на Македонија и домашни банки, како резултат на ДДоС напад, соопшти денеска НБМ.

Во информацијата до јавноста се наведува дека ова било надминато во најкус рок преку мерките кои беа преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите.

-Безбедноста, односно доверливоста и интегритетот на податоците, во ниту еден момент не беше доведена во прашање. ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот, ниту пак се менува содржината на веб-страницата, се наведува во соопштението

Од НБМ, заедно со банките, постојано работи на зајакнување на отпорноста на информативните системи, ги следи новите закани поврзани со дигиталниот простор и континуирано презема мерки во насока на унапредување на сигурносните заштити.

Соопштението дојде откако хакерската група „Моќна грчка армија” вчера објави дека извршиле напади врз неколку македонски банки. Грчките хакери на твитер објавија дека извршиле хакерски напади врз неколку македонски банки. Според хакерите, нападнати биле ТТК банка, Централната кооперативна банка, УНИ банка, Прокредит банка, Стопанска банка АД Битола, Шпаркасе, Комерцијална и други.

Утрово ТТК банка го потврди хакерскиот напад и соопшти дека немале последици врз системот.

-Благодарение на ефикасната заштита на системот и брзата реакција, интернет страницата по краток прекин, брзо беше вратена во функција и беше повторно достапна. Нема последици од нападот. Случајот е пријавен во МВР, соопшти утрово ТТК банка.

Претходно, истите грчки хакери се пофалија дека ги хакирале сајтовите на Народната банка, Министерството за образование и наука (МОН), Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана, што беше демантирани од овие институции.

Претходна вестДрама во демирхисарско: Со „Пежо“ удрил во двајца полицајци, па со остар предмет повредил еден
Следна вестСе направи ли се што требаше Скопје да не биде пак во темница поради дефекти во електро-мрежата?