На непозната локација во белорускиот регион Гомел денеска треба да започнат руско-украинските преговори откако руските воени сили упаднаа во Украина.
Помошникот на рускиот претседател Владимир Медински, кој ја предводи руската делегација на разговорите, претходно изјави дека во неделата е постигнат договор со украинската страна за разговори во белорускиот регион Гомел. Руската делегација веќе го напуштила Минск и се упатила кон местото на разговорите, кое, според изворот на ТАСС, нема да биде откриено.
-Москва и Киев треба да изработат краток патоказ и да постигнат заеднички став за време на преговорите. Надежта и здравиот разум велат дека е време да бидеме поконструктивни од двете страни. Процесот на преговори е навистина можност за некои отстапки и патоказ, но тој треба да биде многу краток во контекст на придвижувањето кон тие договори, што, се надевам, ќе се случи денеска и ќе дојдеме до истиот унифициран став, рече членот на руската делегација на разговорите со Украина Леонид Слуцки, претседател на Комисијата за меѓународни работи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека верува оти следните 24 часа ќе бидат клучен период за Украина бидејќи борбите продолжуваат низ целата земја.
Земји како Германија, Холандија, Шведска и Канада најавија дека ќе ја помогнат Украина со оружје, додека бившиот јапонски премиер Шинзо Абе предложи САД да распоредат нуклеарно оружје во Украина, како одговор на одлуката на Путин да ја подигне борбената готовност на своите нуклеарни сили.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера и се обрати кратко на јавноста на телевизија, прв пат по неговото обраќање во петокот. Путин упадот во Украина го нарече „специјална операција за давање на помош на народните републики Донбас“ и го пофали „јунаштвото“ на руските сили со кое се борат во Украина.
Русија првпат призна дека имала жртви и загуби во досегашниот дел од борбите, иако не кажа точни бројки, додека генералштабот на украинските вооружени сили го опиша вчерашниот ден како многу тежок. Украинското министерство за здравство кажа дека досега загинале 352 Украинци, меѓу кои и 14 деца.