Воените борби во Украина продолжуваат. Се очекува денеска продолжување на преговорите меѓу руските и украинските претставници. Средбата на двете делегации треба да се одржи на границата меѓу Полска и Белорусија.
Водачот на руската делегација, Владимир Медински, изјави дека украинската делегација е на пат, јави агенцијата Интерфакс. Двете страни, како што се вели, се согласиле разговорите да се водат во регионот Брест, во западна Белорусија, а руската армија планира „безбедносен коридор“ со цел да се овозможи пробив на украинската делегација. Украинската страна потврди дека се согласила на преговори, но нема други информации. Министерството за надворешни работи на Украина побара од Русија прогласување на прекин на огнот во регионите Харков и Суми, со цел да им се овозможи на цивилите да се засолнат на безбедно.
Украинските власти официјално потврдија дека руските сили го зазеле стратешки важниот центар Херсон.
-Руските сили го опколија градот. По неколкудневни интензивни борби, украинските сили се повлекоа кон блискиот град Миколаев. Овде нема украинска армија, изјави градоначалникот на Херсон, Игор Колихаев.
Руските сили опколиле уште еден клучен пристанишен град, Мариупол.
Градоначалникот на Мариупол во јужна Украина изјави дека средата бил најтешкиот ден од руската инвазија поради силното гранатирање и зголемениот број ранети цивили во болниците. Градоначалникот Вадим Бојченко им се обрати на граѓаните на Мариупол и рече дека украинските сили храбро возвратиле на оние кои пукале во куќите.
Тој рече и дека е загрозена критичната инфраструктура во градот и дека граѓаните се без вода и струја.
– Вие, драги граѓани на Мариупол, сте големи херои. Сите ние се бориме за нашата слобода, за нашата земја, за нашиот единствен Мариупол. Ние не напаѓаме никого. Само седиме дома. Тоа значи дека Бог е со нас. Тоа значи дека вистината е со нас. Тоа значи дека победата ќе биде на наша страна, рече тој.
Во Киев ноќеска и изутринава имаше неколку експлозии, а се слушаат и сирени, јави агенцијата Униан. На видеа на социјалните мрежи може да се видат силни детонации. Украинските медиуми јавуваат за борби во предградијата на милионскиот град.
Во воздушен напад во источноукраинскиот град Исјум, кај Харков, според наводи на локалните власти, загинале осум лица, од кои две деца. Медиумите јавуваат дека при напад во текот на ниќта била погодена зграда. Во Харков две ракети завршиле во управната зграда, а оштетена е и една катедрала.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека за време на специјалната воена операција во Украина загинале 498 руски војници, а 1.597 се ранети.
-Веста за безброј жртви во редовите на руската армија е дезинформација, изјави за новинарите претставникот на Министерството за одбрана, Игор Конашенков.
Кога станува збор за загубите од украинска страна, Конашенков рече дека има над 2.870 загинати и околу 3.700 ранети, пренесува „Спутник“.
Од друга страна, според украинските власти, повеќе од 7.000 руски војници се убиени од почетокот на руската инвазија на земјата, изјави советникот на Зеленски, Алексеј Арестович.
Тој додаде дека се уапсени стотици руски војници, меѓу кои и високи чиновници.
Од почетокот на руската инвазија во Украина, според наводи на Обединетите нации, од земјата побегнале над еден милион луѓе. „За многу други милиони луѓе во Украина е време оружјето да замолкне, за да може да се пружи хуманитарна помош, напиша Високиот комесар за бегалци Филипо гранди на Твитер.
Генералното собрание на ОН ја осуди руската агресија врз Украина.