Работи локално, мисли глобално. Мислат на себе, не за општо добро, а во светот одат на прошетка. Во просторот меѓу закрвените партии независните никој и ништо, а од демагошкото право на човекот остана само зборот – право. Во кал до гуша не може ни да се насети каде оди светот, најмалку каде одиме ние. Какви можат да бидат боите на иднината ако реалноста е обоена во длабока црна. Најчесто се слуша зборот корупција и мафија кои лебдат само како зборови кои ништо не значат. Подлостите и неправдите дојдоа во преден план: го преземавме повикот на црнците –нема правда нема мир, кој и онака бледнее. Грабнување на власта стана егоистична цел за себе, мошне дистанцирана цел од тоа што се нарекува народ. Сепак, светна мала искра: луѓето, притиснати од сите страни крикнуваат во очај, но кој да ги слуша: не сум слушнал да реагира барем антикорупциска, на многубројните неправди. Судија се праша: кој е виновен, оној кој дава или оној кој прима мито? А од Уставен слушнавме: политиката да не го уништува статусот на судот, а судии требало да предложат партиите, со сеопштата партизација со која земјата е доведена до најниските гранки на опстојување. Најавен е ветинг и во дипломатијата. Да замислиме: децата ќе почнат да учат солидно, во современ дух, но кога ќе дојде време да се вработат ќе почнат вистинските проблеми: во институциите заседнале, главно несоодветни нестручни „кадри“ од разни партии. Нема место за способните. Законите и партиските функционери (коруптивниот карактер на власта во 17-18 век е опишан и во книгата „Гуливеровите патувања“ на линија адвокати – судии, министри итн… ќе ги натераат и младите да ја напуштат земјата и постепено да се одродуваат. Зарем не слета „Гуливер“ од Софија на скопскиот аеродром со поднасмевнати министри. Меѓу нас: тое а е мал чекор за човекот ама голем за Западен Балкан. Како преговараат „нашите“ министри се наоѓаме во растурена куќа: општините остануваат сиромашни, во долгови до гуша, а малку нешто што се почнало не се довршува. Сите излегуваат на протести со свои барања за гол опстанок: од ученици до работници, од земјоделци до матични лекари и наставници. А партиски гласноговорници се фалат за невидени резултати постигнати за кусо време: да не е трагично би било смешно, детски одглумено. Корените, впрочем, ни се во итерпејовски мајмунлаци.
Своите значајни имиња и настани, суштествени аспекти на националниот идентитет, не треба (неодмерено) да се слават во услови на агресивен притисок на другите, туку нормално како што доликува. Кога ќе видиме од странски туристички емисии или прилози колку ни е убаво ова парче земја со толку значајна уметничка традиција и култура чувствуваме гордост, но и тага едновремено. Како успеавме да се доведеме до тука, да не уценуваат дома и од надвор во беда и сиромаштија помислувајќи ина тоа дека некој систематски не уништува. Лесно се бришат и забораваат сопствените вредности. Кога ни диктира лекции по национална историја во впивавме секој збор, а како студенти слушнавме дека имало и предавници меѓу револуционерите кои се убивале меѓу себе. Изгубени сме во време и простор.
Нема критика ниту критичкото мислење, меѓутоа, добивме нефункционален но вмрежен фестивал на критичка култура. Нешто ново. Во уметноста се враќаме на старите вредности, а Друштвото на ликовните уметници на Македонија одамна е во криза, анахрона творба на маргините на т.н. културна политика.
И во скопскиот парк поставија пластични нужници – белег на градот. Фројд би рекол: види и заобиколи.