Има ли плафон до кој градоначалниците може да ги задолжат општините и мирно да си заминат?

Касите празни, долговите големи…

Градоначалниците треба да поднесат кривични и секој претходник треба да одговара за лошо стореното. Инаку, долговите ќе можат да ги користат како алиби за неостварување, предупредува Емилија Тунева

Состојбата со општинските сметки почна да излегува на виделина. Се дознава која општина колку должи, како биле правени „договори на дело“, колку имало времено вработени, како биле делени и како се конкурирало на општински тендери… Едноставно, се дознава дека работите не оделе како што треба.

Новиот градоначалник на Тетово Билал Касами, по објавувањето на вкупниот долг од 24 милиони евра кој го наследил од претходничката Теута Арифи, откри и дека имало и 811 договори на дело за кои биле ангажирани 544 лица и што чинело 1,1 милион евра, имало фактури за ручеци на партиски активисти, набавки на мобилни телефони од 1.000 евра… Градот Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник Петре Шилегов и поранешната претседателка на Градскиот Совет Љубица Јанчева бидејќи со градски пари плаќале вечери од по 1.500 евра по ресторани со кои немало договор, во услови кога градот е презадолжен со долг од преку 50 милиони евра… А големи долгови оставиле и другите општини – Охрид, Карпош…

Да задолжиш општина или јавно претпријатие стана правило кај функционерите. Ова мора да се ограничи.

-Има ли некакви ограничувања до колку може еден градоначалник да ја задолжи општината? Ако нема треба да се направи инаку секој ќе зема што ќе му текне, а кој тоа ќе го враќа? Банките не треба да се главниот регулатор за задолжувања на државни и општински организации, мора да има други критериуми и контроли, ни вели скопјанецот Сашо.

Во јавноста речиси секојдневно се слушаат поплаки на новите градоначалници како општините им се презадолжени и дека им се врзани рацете, како немаат пари да ги плаќаат поскапените сметки за струја, немаат пари да ги реализираат проектите кои што им ги ветиле на граѓаните… На тоа прва се пожали скопската градоначалничка Данела Арсовска уште на еден од брифинзите со новинарите.

-Ситуацијата во градот е сериозна поради долгот кој го генерирал претходниот градоначалник, поради кој во овој момент градот нема доволно ликвидност за да побара ново кредитирање за реализирање на нови проекти во градот, рече тогаш Арсовска.

Но, јавноста очекува да се дознае целата вистина за задолжувањето – дали било законско, оправдано или не, имало ли злоупотреби.

-Секој кој направил долг да го образложи зошто е направен и доколку нема оправдување да си одговара според законите на Република Македонија, смета Борче Трајчевски.

Таков отчет, меѓутоа, по истекот на нивниот мандат не поднесоа најголемиот дел од градоначалниците кои замина од функциите. Сепак, новите градоначалниците не треба да ги остават состојбите такви, без да се дознае целата вистина за задолжувањето

-Градоначалниците треба да поднесат кривични и секој треба да одговара за лошо стореното. Инаку, долговите ќе можат да ги користат како алиби за неостварување. Тоа е и единствено што сите го научиле и го користат како оправдување, друго не сум ни слушнала одамна, смета Емилија Тунева.

На ред нови долгови?

Лани во јуни вкупниот општински долг беше дури 62,2 милиони евра, односно, 2,2 милиони евра повеќе отколку во 2020 година. Долгот пораснал иако пред три години Владата им даде на општините дури 50 милиони евра за раздолжувања!? Сега е прашање дали и какви кредити ќе можат да земаат новите општински раководства во чии буџети има малку пари за нови инвестиции во општински проекти.

Претходна вестОблачно време со снег и дожд
Следна вестКако успеавме да се доведеме до тука, да не уценуваат дома и од надвор