Слабо напредува евакуацијата на цивилите од повеќе украински градови откако Русија објави нов прекин на огнот на 14-тиот ден од нејзиниот воен упад во Украина. Хуманитарни коридори повторно требаше да бидат воспоставени за Киев, Чернихив, Суми, Харков и Мариупол во 10 часот по локално време што беше трет прекин на огнот од почетокот на инвазијата. Гувернерот на источниот украински град Суми, изјави дека цивилни автомобили го напуштаат градот втор ден по ред преку коридорот кон Полтава на запад. Меѓутоа, до денеска на пладне не е потврдено дека ниту еден друг коридор за евакуација не е успешно отворен, вклучително и излезот од Мариупол, јужниот пристаништен град што повеќе од една недела е опколен од руските сили.
Киев објави дека 30 автобуси и осум камиони со резерви вчера не успеале да стигнат до градот, бидејќи биле гранатирани од руските сили, кои го прекршиле прекинот на огнот. Москва, од друга страна, обвинува дека Киев не го почитувал прекинот на огнот.
Над два милиони луѓе ја имаат напуштено Украина од 24 февруари.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша построг закон. За предавство се планира казна од 15 години, па дури и доживотна затворска казна. Градскиот совет на украинскиот град Мариупол објави видео од опустошено породилиште во градот и за тоа ги обвини руските сили кои го бомбардирале.
Русија пак ја обвини Украина дека развива програми за биолошко оружје со САД, вклучувајќи антракс, чума, колера и други патогени.
-Ги потврдуваме фактите откриени за време на специјалната воена операција во Украина, кои покажуваат итно чистење на воено-биолошките програми од страна на режимот во Киев. Тие беа спроведени од Киев, а финансирани од САД, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
И официјална Кина денеска побара од САД да објават што правеле во нивните биолошки лаборатории во Украина.
Напоредно со ова, сериозна станува и состојбата околу поранешната нуклеарната централа во Чернобил.
-Нуклеарната електрана Чернобил е во целост исклучена од електрична енергија како резултат на дејствијата на руските напаѓачи, информира операторот „Укренегро“.
Медиумите пренесоа изјави на украински функционери кои рекоа дека „не знаат колкаво е нивото на радијација во Чернобил, откако руските сили ја зазедоа изминатите денови“. Украинската државна нуклеарна компанија предупреди дека радиоактивните честички можат да бидат испуштени од изгасената нуклеарна електрана Чернобил бидејќи не може да го лади истрошеното нуклеарното гориво откако е прекинато напојувањето.
Но, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска соопшти дека не гледа значително влијание врз безбедноста на украинската нуклеарна централа откако и беше прекинат дотокот на електрична енергија.
Комитетот на постојани претставници на ЕУ одобри дополнителни санкции за официјални лица и агенции во Русија и Белорусија.