Цените на горивата пак скокнаа. Од ноќеска моторните горива на бензинските пумпи во Македонија повторно добија нови, покачени, цени. Според најновата одлука бензините Еуросупер се поскапи за 3,50 денари по литар, додека Еуродизелот поскапува за цели 8,50 денари, со што се достигнуваат рекордни цени на пазарот во земјава.
Од денес литар Еуросупер БС-95 ќе чини 93 денари, Еуросупер БС-98 ќе се продава за 95 денари, додека Еуродизелот достигнува неверојатни 94 денари за литар наточено гориво. Граѓаните се уште не се соземаа од шокантното поскапување кое почна да се применува од понеделник кога бензините поскапеа за 5,5 денари и почнаа да се продаваат по цена од 89,50 и 91,50 денари, а дизелот се покачи за 10 денари и чинеше 85,50 денари. Значи, за само два дена дизелот поскапе за 18.5 денари, а бензините за 11 денари!?
-Очекував да се намалат цените со најавените владини мерки, ама еве се покачија. Мерките се задоцнети и плус уште не се и спроведени. Тешко нас, коментира скопјанец.
До каде ќе одат цените е непознаница и во светски рамки. Регулаторна комисија за енергетика најави дека одлуките за новите цени ќе се носат на „дневно ниво“ заради брзите промени на цените на светските берзи.
Ова доволно зборува за каква сериозна ситуација станува збор и колку големи се ударите врз животниот стандард на граѓаните. Владата вчера најави сет од 26 мерки со кои треба да се ублажат последиците од економската криза меѓу кои е и намалувањето на акцизата на горивата. Но, за да тие стапат во сила потребно е изгласување на законските промени во македонскиот парламент.
Што чека парламентарното мнозинство? Што за нив е итност?