Заврши средбата на украинскиот и рускиот министер, нема напредок

Заврши состанокот на министрите за надворешни работи на Русија и Украина кој денеска се одржуваше во Турција. Нема напредок во преговорите кои овие две земји до сега ги водеа на пониско ниво.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба по средбата со неговиот изјави дека нема напредок во денешните разговори за прекин на огнот. Тој истакна дека, според ставовите на Лавров, може да се заклучи дека Русија ќе продолжи со својата агресија сѐ додека Украина не ги исполни барањата на Москва, наведува Ројтерс.

Лавров пак по средбата изјави дека денешната средба покажала дека нема алтернатива за разговорот и додаде дека е важно сериозно да се зборува за ситуацијата.

-Тие дозволија употреба на оружје во Украина, кое може да се постави секаде, а го користат терористи. Ќе ја прашаме ЕУ како е можно оваа закана за Русија да се создава со години. Во годините што доаѓаат ќе ги има овие закани не само од Украина, туку секаде во ЕУ. Дали ќе нападнеме друга земја? Нема, не сме ја нападнале ниту Украина, рече Лавров.

Кулеба рече дека се подготвени да работат на напори за ставање крај на војната.

Тој рече дека имаат две задачи – воспоставување хуманитарен коридор од Мариупол и постигнување 24-часовно примирје. Тој додаде дека Лавров не се обврзал да формира конвој од Мариупол, но дека се надева оти Русија ќе донесе таква одлука, пренесува британската агенција.

-Разговаравме за прекин на огнот што би траел 24 часа. Господинот Лавров не се согласи со тоа, рече Кулеба.

Кулеба рече дека тие се за дипломатија, но и дека се подготвени да се бранат.

-Не можеме да ја запреме војната ако државата што ја почна агресијата не го сака тоа, посочи тој.

Лавров објасни дека нападнатата болница во Мариупол била мета бидејќи таму имало борци на т.н. Азов батаљон.

-Нашата делегација даде докази дека тоа породилиште е окупирано од Азов и дека ги исфрлиле бремените жени и работниците… Заклучоците сами извлечете ги, кажа Лавров.

Претходна вестЦените на горивата брзаат кон 100 денари, владините мерки споро не бранат од тоа
Следна вестВладата го предложи измените на ДДВ и акцизите по итна постапка – на ред е Собранието