Нов апел учениците да се ослободат од обврската за носење на заштитни маски додека се на настава упати медицинскиот експерт, микробиологот, Никола Пановски. На настапот на телевизијата „Клан“ тој рече дека добро е да се оди постепено во таа мерка.
– За маските во училиштата сметам дека полека треба да ги симнуваме. Добро е што Комисијата за заразни болести оди постепено, не може се одеднаш да се укине. Мора да се види една мерка, па како ќе иде понатака. За последно би го оставил укинувањето на маските во јавниот превоз и маските во продавниците, рече д-р Пановски.
Д-р Никола Пановски информира дека сега е релаксирана состојбата со тешки ковид-случаи.
Веќе од поодамна повеќе од илјада родители потпишаа петиција со која се укажуваше на лошите последици од носењето на маските од страна на учениците.
-Континуираното носење маски е исклучително тешко по здравјето на нашите деца, бидејќи се отежнува дишењето. Не може безгрижно да се прославуваат нови години, журки и забави, а децата да се гушат со маски за време на училишните часови, реагираа родителите.