Украинските власти го договорија хуманитарен коридор со Русија за да им се дозволи на цивилите да го напуштат опколениот град Мариупол со приватни автомобили. Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека оние што ќе успеат да излезат од градот потоа ќе можат да се возат со автобуси од блискиот град Бердјанск до градот Запорожје.
-Ќе направиме се што е во наша моќ автобусите полни со жители на Мариупол да стигнат денеска до Запорожје, рече таа, додавајќи дека е постигнат договор за евакуација на цивилите и од градот Мелитопол.
Мариупол, кој пред војната имаше 400.000 жители, е претворен во урнатини, со илјадници загинати цивили, а десетици илјади сè уште бараат пат надвор од градот до безбедно. Цивилите заглавени во градот се засолниле во подруми со малку храна, вода за пиење и без струја.
Претходните договори за хуманитарни коридори пропаднаа, а секоја страна ја обвинува другата дека ги направила непроодни. Мариупол е под постојани воздушни напади на руските сили, што ја прави евакуацијата на граѓаните ризична.