Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не знае што има нон пејперот кој македонската страна и го дала на бугарската за наводно решение на спорот.
Мицкоски рече дека се срами од тоа што го прават на граѓаните на Македонија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој, како што рече, прифаќа договор кој веќе еднаш е одбиен.
-Навистина се срамам од ова што го прават Ковачевски и Османи на граѓаните на Македонија. А она што го направи Османи прифаќајќи договор кој што веќе е добиен неколку месеци претходно, веќе не е ни домат дипломатија, ова просто се граничи со нешто што е уште пониско од таа домат дипломатија. Се срамам што граѓаните плаќаат практично пари на ваков тип политичари да земаат плати и да уживаат привилегии на грбот на народот кој што едвај крај со крај во овие кризни времиња врзува. Навистина е недолично за еден министер за надворешни работи да прифаќа предлог кој што, како што кажуваат од бугарската страна, тие пред три месеци веќе го одбиле. Тоа е исто како да зборуваме за ланскиот снег, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека однесување на власта во однос преговорите со Бугарија покажува комплетна деструкција и уништување на процесот и на тој начин директно ги загрозуваат шансите, македонскиот народ и на сите граѓаните во државата да добијат можност да ги отпочнат преговорите со Европската унија.
-Јас не знам каква е оваа стратегија и кој ги подучува на сето ова, но ако мислат дека на тој начин ќе се покажат како политичари кои еве се конструктивни, тогаш ова е комплетно спротивно на тоа и тие ни покажуваат комплетна деструкција и уништување на процесот и на тој начин директно ги загрозуваат шансите, македонскиот народ, граѓаните во Македонија без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби и останати да добијат можност да ги отпочнат преговорите со Европската унија, заклучи Мицкоски.
Прашан како го коментира отворањето на бугарскиот културен центар во Битола и посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков, Мицкоски нагласи дека доколку Петков сака да покаже пријателство, тогаш истиот пример од Битола треба да го покаже и во Благоевград и Сандански и да им овозможи и на Македонци во Бугарија македонски културен центар.
-Веднаш после тоа отворање Петков кога ќе замине во Софија треба да земе пример од тука од Битола и да направи сличен таков потег во Благоевград и Сандански, и на тие илјадници Македонци кои што живеат таму да им овозможи еден ваков културен македонски центар кој што е во согласност со сите пресуди од Стразбур. А овие малкумина македонски Бугари кои на пописот кој што беше таков каков беше, некомплетен и манипулативен, се изјаснија дека отприлика околу 800-тини од нив го говорат бугарскиот јазик како мајчин треба да го советуваат Петков истото тоа да го направи и во Бугарија за Македонците кои што живеат таму и на тој начин навистина ќе го покажат и на дело тоа братство за кое тој цело време зборува и полна му е устата за братство и пријателство. Пријателството не се зборува, туку се покажува со дело, потенцираше Мицкоски.