Предлогот на Владата платите на вработените во образованието и градинките да се зголемат за 10 проценти ќе се анализира на денешната седница на Советот на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК). Се очекува орган да се изјасни по тој предлог. Во меѓувреме, штрајкот во училиштата и во градинките продолжува.
– Советот на СОНК во текот на утрешниот ден ќе одржи седница на која што детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него. Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува, напиша денеска на Фејсбук претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Владината прес-служба вчера соопшти дека Владата на седница ги задолжила министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика и за финансии со ребалансот на Буџетот да предвидат средства за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 проценти. Владата, исто така, формира работна група која треба да почне преговори за нов колективен договор со репрезентативните синдикати и за методологија која ќе обезбеди континуиран раст на платите во јавниот сектор. Во врска со штрајкот, Владата ги задолжи МОН и МТСП да ги преземат сите чекори за наставата во училиштата да продолжи исто како и згрижувањето на децата во градинките согласно уставните права на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање настава во услови на штрајк.
СОНК штрајкува веќе втора недела во школите и градинките барајќи зголемување на платата и усогласување со минималната, која од мартовската плата изнесува 18 илјади денари.