Фарса е реакцијата на Ковачевски за клубот Ванчо Михајлов, реагира денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ на вчерашното видео-обраќање на македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
Оваа партија наведува дека Ковачевски знаел дека бугарскиот премиер Кирил Петков ќе дојде на отворање и дозволил регистрирање на клубот.
-Власта дозволила регистрација на клубот Ванчо Михајлов. Ковачевски и Османи знаеле и дозволиле Петков и целиот бугарски државен врв да дојде на отворање на клубот, и не реагирале однапред, туку по 3 дена, откако јавноста го осуди чинот, кој е најголем вид на провокација глумат загриженост и осудуваат. Ако Ковачевски го мисли тоа што сега го кажува во однапред снимено видео, тој тоа требаше да го каже пред доаѓањето на Петков, но и да не дозволи отворање на клуб со такво име, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија додава дека Ковачевски и СДСМ оставија целиот настан да помине, со надеж дека јавноста ќе премолчи.
-Ковачевски наместо да се крие зад однапред снимени видеа да излезе пред јавноста и да каже дали и кога ќе побара гаранции за македонскиот јазик, идентитет и историја од меѓународната заедница, во очи на се поизразените тенденции на фашизам, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.