На вработените во градинките нема да им се намалат платите за времето во коешто штрајкуваа а со договореното покачување на платите во образованието и во детската заштита и отпочнување на преговори за нов колективен договор, штрајкот е затворен, објави денеска Јаким Неделков, лидер на СОНК.
На заедничката прес конференција со министерката за Труд и социјална политика, Јованка Тренчевска тој рече дека денеска се заокружени преговори во однос на барањата на СОНК кон МТСП.
-Она што беше како спорно, исплатата на дневници на вработените во градинките кои штрајкуваа, денеска со измена на колективниот договор во тој дел го регулиравме и тоа право на вработените. Сметавме дека од разни причини се дискриминирани, не беше во ред ним да им се скрати од платата. Сметам дека покрај оние договорени 15 проценти и отпочнување преговори за нов колективен договор, овој процес на штрајк и преговори со МТСП е затворен, рече Неделков.
Покрај потпишувањето на измените и дополнувањата, МТСП и СОНК договориле до крајот на мај да биде донесен и новиот колективен договор. Министерката за труд и социјална политика Јованча Тренчевска рече дека сите делови коишто беа дел од одлуката за штрајк се реализирани.
-Последното е отпочнувањето на процесот на подготовка на новиот колективен договор. Веднаш по 24 мај, по празникот започнуваме со работните групи коишто се веќе дефинирани и формирани од двете страни. До крајот на месец мај ќе го донесеме новиот колективен договор којшто ќе значи дополнителни права на вработените, односно на носителите на дејноста во детските градинки, рече таа.
Тренчевска појасни дека договорените измени и и дополнувања на Колективниот договор се испратени во „Службен весник“, и оти се очекува денеска или утре да бидат објавени.